Војната во Украина ќе го внесе побрзо Балканот во ЕУ

Војник во Киев / Украина војна/ Фото EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

Европа не може да си дозволи нови безбедносни ризици, па ќе настојува да ги затвори сите кризни точки на континентот, меѓу кои е и Западен Балкан и македонско-бугарскиот спор, сметаат политички аналитичари.

Евроинтеграциите на Македонија ќе се забрзаат поради војната што Русија ја почна во Украина, затоа што во такви услови Европа не може да си дозволи повеќе безбедносни ризици, ниту да дозволи да се шири руското влијание на Балканот, оценуваат аналитичарите. Руската агресија на Украина и опасноста војната да ескалира наоколу може на разни начини да влијае врз бугарско-македонскиот спор – ЕУ да ја забрза европската интеграција на Македонија, целосно да го одложи прашањето и „да нѐ заборави“ заради итноста, природата и големината на војната во Украина или, пак, да ѝ удоволи на барањата на Бугарија, со оглед на нејзината геостратешка важност во новиот воен конфликт.

Војната во Украина предизвика повик од таа држава итно да биде примена во ЕУ, како и повик од Косово итно да биде примено во НАТО, а според најголем дел од аналитичарите, рускиот напад на Украина ќе забрза повеќе интегративни процеси.

ЕУ ќе мора да биде порешителна

Амбасадорот Љупчо Арсовски вели дека воените дејства на територијата на Украина, новопрогласените републики, првата средба меѓу руската и украинската делегација, новите остри и конкретни санкции на САД и на западните европски држави против Русија се нови состојби за ЕУ и оттаму природно е дека одредени прашања на дневен ред ќе бидат оставени на „споровозна пруга“. Но, ЕУ, вели тој, сакала или не, ќе мора да биде порешителна.

– Врзано за македонско-бугарскиот спор што го наметна Бугарија, факт е дека постои засилување и одреден интензитет на комуникацијата меѓу двете земји, каде што, пак, опозициските партии се „загрижени“ за тоа што се подготвува и прашуваат како ќе се надминат неколку прилично чувствителни прашања. Бугарија, која е во првата линија на земји што преку Црното Море граничат и со Украина и со Русија е на специфичен алертен степен на готовност, особено поради фактот што на нејзината територија своевремено е инсталирана американска база од системот ШТИТ. Истовремено, поради одредени формулации во исказите на актуелниот бугарски министер за одбрана во прашање е неговата натамошна функција, што, пак, секако, ќе предизвика и потрес во коалициската влада. Вреди да се спомне и изјавата на поранешниот бугарски премиер Костов, кој смета дека 3 март како национален празник на Бугарија не треба повеќе да се празнува оти е рецидив од минатото што може да ѝ наштети на Бугарија. Поделбата на проруски настроени сили и про-НАТО и ЕУ во Бугарија, но и во други земји на нашето опкружување, може да најави многу несакани настани во иднина и затоа ЕУ, сакала или не, мора порешително да застане зад одредени процеси, особено во земјите на Западен Балкан кои се определени кон европскиот курс – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Во секој случај, вели тој, македонската страна треба со максимална мудрост и решителност да опстои на неколку позиции без непотребно брзање и брзоплети изјави во очекување на заедничкиот европски став за почеток на преговорите.

– Франција, која претседава со Унијата, придружена од Словенија која претходно претседаваше и со Чешка, која е следна, ќе треба да вложат максимални напори за безусловно тргање на ветото кое по наметнатите прашања се коси и не соодветствува токму со критериумите врз кои се заснова самата Унија. Ова дотолку повеќе што нашата земја се наоѓа во интензивни подготовки за преземање на претседавањето  со ОБСЕ, што е сериозен аргумент што македонскиот врв мора благовремено да го искористи – вели Арсовски.

Ќе се намали толерантноста кон бугарската реторика

Политикологот Петар Арсовски очекува дека евроинтеграциските процеси во новонастанатите услови ќе се забрзаат.

– Меѓународната заедница не сака да има премногу отворени кризни точки, па со отворањето на големата кризна точка со оваа војна во Украина, секако ќе настојуваат да ги затворат останатите. Во Европа тоа се Балканот и балтичките земји, каде што е можно да се очекува следната агресија од Русија. На Балканскиот Полуостров кризните точки се Босна, Косово и македонско-бугарскиот спор. Во Босна веќе испратија дополнителни мировни сили, а во Косово, Македонија и Бугарија останува да се притиска за што побрзо решение. За Косово ќе се притиска Србија, а за македонско-бугарскиот спор силен притисок ќе трпат и двете страни, па кој прв ќе попушти, ќе помине полошо – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Според него, не може да се очекува дека ќе ѝ се удоволи на Бугарија за сите нејзини барања, затоа што решението мора да биде со такви вредности што ќе помине во Европскиот парламент.

– Пристапот мора да биде таков да не се поминуваат европските црвени линии. Преговарачката рамка мора да ја усвојат сите земји членки на ЕУ, а мора да ја усвоиме и ние. Нема да ни биде наметнато катастрофално решение, затоа што и ние ќе мора потоа да живееме со тоа решение, а секако нема да го прифатиме ако се преминати нашите црвени линии – вели Арсовски.

Според Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, војната, всушност, ја обедини Европа.

– Војната во Украина досега резултираше со зацврстување на заедничките позиции помеѓу државите членки на Европската Унија, дури и оние со кои постоеја несогласувања во однос на Русија. На долг рок може да очекуваме дека ЕУ ќе стане посвесна за значењето на процесот на проширувањето, бидејќи Унијата историски најголемите чекори ги направила во контекст на кризи. Дополнително, може да очекуваме да се намали толерантноста кон одредени реторики кон кои се приклони дел од бугарската елита – оценува Кацарска.

Аналитичарот и новинар Љупчо Поповски вели дека наративот на Русија кон Украина и наративот на Бугарија кон Македонија се целосно исти.

– Македонија мора да го искористи овој момент затоа што Европа сега гледа каква криза може да предизвикаат таквите наративи – вели Поповски за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Според аналитичарот Мерсел Биљали, сега е моментот и ние да бидеме поактивни.

– Дојдени сме до критична точка. Македонската дипломатија сега треба да повлече потег пред меѓународната заедница и да пресече дека е доста со бугарските политики и уцени – вели Биљали за „Утрински брифинг“.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ сака да се пазари со Бугарија

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги обвини СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски дека со молчењето за нивните предлози, всушност ги одбиваат намерите на ВМРО-ДПМНЕ за градење национално единство.

– СДСМ најпрво одби гласање на декларација за ликот и делото на Гоце Делчев во годината кога се одбележуваат 150 години од неговото раѓање. Сега, уште посимптоматично, СДСМ и Ковачевски одбиваат да дадат писмени гаранции за македонскиот идентитет, јазик и историја. Овие гаранции Ковачевски треба да ги прифати и да ги даде прво пред својот народ, а потоа да ги застапува и да ги брани пред Брисел и Бугарија – напоменуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека е апсурдно Ковачевски да дава гаранции на бугарскиот премиер Кирил Петков и на Бугарија, а да не даде гаранции пред својот народ и дека молкот на СДСМ и на Ковачевски покажува дека се спремни за пазарење што ќе доведе до идентитетско обезличување.

Грегорчиќ: Тивката дипломатија ќе даде резултат

Од Словенија имате постојана поддршка. Ве охрабруваме да ги вложите сите напори и да бидете активен учесник на патот кон ЕУ. Уверени сме дека тивката дипломатија ќе даде резултат на преговорите и што е можно поскоро Северна Македонија ќе биде дел од Унијата, порача претседателката на Комисијата за надворешна политика на Државниот збор на Словенија Моника Грегорчиќ по средбата со нејзиниот македонски колега и домаќин, претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонијо Милошоски.

Грегорчиќ потсети дека Словенија лани претседаваше со Советот на ЕУ и една од нивните цели беше да се постави проширувањето високо на агендата на земјите членки на ЕУ. Љубљана излезе и со предлог за забрзување на процесот на проширување во однос на актуелната украинска криза.

– Важно е дека сите зборуваме со еден глас и ја осудуваме Русија за агресијата врз Украина. Словенија даде предлог да се забрза процесот на проширување на ЕУ со земјите кандидати, но во исто време да ѝ се понуди на Украина една временска рамка во која Украина би станала членка на ЕУ. Сметаме дека ова ќе биде уважено и дека ќе се вложат сите напори ова да стане реалност. Сите заедно како земји членки на Унијата мора да размислуваме за заедничка иднина, да размислуваме глобално, меѓутоа и да размислуваме во насока дека демократијата ќе владее со светот – рече Грегорчиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот