Војна меѓу Владата и ЕСМ за цената на електричната енергија?

сметки струја ЕВН сметка
Сметки за струја. / Фото: Драган Митрески / Слободен печат.

Владата гарантира дека АД ЕСМ според Законот за енергетика и следната година ќе ги обезбеди потребните количини електрична енергија за да ги задоволи потребите за домаќинствата и малите потрошувачи, тврдат од Министерството за економија.

Сè поизвесно е дека Владата и ЕСМ не може да постигнат договор околу цената на електричната енергија што ќе биде произведена од државните капацитети. Државниот производител на струја ЕСМ не се јави со своја понуда ни вчера, на вториот тендер од ЕВН хоум. Пријавувањето на тендерот и понудената цена од страна на ЕСМ е повеќе од важно, односно од таа цена во најголем дел зависи крајната цена што ќе ја платат домаќинствата и малите фирми. Според договорот што важи до крајот на годинава, ЕСМ ѝ ја продава струјата на ЕВН хоум по цена од 36 евра за мегават-час, а  сегашната цена на струја на ХУДЕКС берзата, која е најважна за овдешните набавки на слободниот пазар, е 258 евра за мегават-час!

Следниот тендер за набавка на струја ЕВН хоум го најави на 9 декември. Од ЕСМ не ни одговорија дали дотогаш ќе успеат да ја стокмат својата понуда, па прашањето што се наметнува е што ако ЕСМ пак не се јави на тендер? На ова прашање од Министерството за економија добивме одговор дека „Владата гарантира дека АД ЕСМ согласно Законот за енергетика и следната година ќе ги обезбеди потребните количини електрична енергија за да ги задоволи потребите за домаќинствата и малите потрошувачи“.

– Производителот на електрична енергија со најголем инсталиран капацитет во Република Македонија е должен на универзалниот снабдувач, во постапките за набавка за електрична енергија, во согласност со правилата за набавка на електрична енергија за универзалниот снабдувач, да му понуди на продажба електрична енергија во 2022 година најмалку 60 проценти од вкупните годишни потреби на снабдувачот – велат од Министерството за економија.

Од ЕВН Македонија, пак, ни објаснија дека универзалниот снабдувач ЕВН хоум ги снабдува домаќинствата по цена што е утврдена од Регулаторната комисија за енергетика и која до крајот на годинава изнесува 5,36 денари за киловат-час за домаќинства со еднотарифно броило, 6,69 денари за висока тарифа при двотарифно броило и 3,36 денари за ниска тарифа.

– Потрошувачите од категоријата домаќинство се снабдуваат од универзалниот снабдувач (во овој случај ЕВН хоум), а доколку сакаат, имаат можност да излезат на слободен пазар и да бираат снабдувач што ќе ги снабдува со електрична енергија врз основа на склучен договор. На отворен пазар, цената за снабдување со електрична енергија зависи од цената со која снабдувачот ја купува електричната енергија на берза. Цената за снабдување со електрична енергија за домаќинствата на отворен пазар е многу повисока од регулираната цена за снабдување од универзалниот снабдувач – велат од ЕВН.

Во услови на енормен раст на цените на електричната енергија, од ЕСМ, како што изјавија, се обидуваат да обезбедат што е можно поголемо производство за да им се помогне и на компаниите, кои се соочени со огромни цени на отворениот пазар, што пак како влезна компонента ги оптоварува потрошувачките цени. Ова значи дополнителна набавка на јаглен од увоз, зголемен ископ на јаглен во Суводол, поголема експлоатација на РЕК Битола и вклучување на ТЕЦ Осломеј, што е дополнителен трошок. Од друга страна, состојбата во ЕСМ не е сјајна ни според нивните минатогодишни финансиски резултати. Компанијата под чија капа се државните капацитети за производство на струја ланската година ја завршила со загуба од 16,8 милиони евра, додека во 2019 година имала добивка од 3,3 милиони евра.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот