Водата во Тетово се избистри, но проблемите останаа

Без вода/ Фото: Архива на „Слободен печат“

Во Тетово водата е безбедна за пиење по неколкудневната заматеност предизвикана од обилните дождови, соопштуваат од тетовски Водовод. Истата информација ја објави и тетовскиот Центар за јавно здравје,од каде информираа дека од вчера водата ја вратила вообичаената бистрина во склад со пропишаните параметри, но и дека поради хлорирањето на водата таа не била бактериолошки неисправна и во периодот додека била заматена.

„Ова е првпат за 50 години да се случи вакво нешто“, вели Љуљзим Шаќири од јавното претпријатие Водовод од Тетово, одговорен за одржување на водоводниот систем на градот. Тетово изминативе денови се снабдуваше со вода од четирите извори на Шар Планина и од т.н. стар водоснабдителен систем. Новиот систем кој зема вода од планинските реки кај месноста Лешница веќе неколку дена не е во функција, исто така поради заматување на водата и затоа што сензорите на филтер-станицата не дозволуваат проток на водата.

Во септември Тетово имаше проблеми со водоснабдувањето откако водите на Пена, кои ја полнат каптажата Лешница, беа заматени поради изведувањето на градежни работи во самото корито на реката, за изградба на мала хидроцентрала на само педесетина метри од зафатот за водоснабдување на Тетово. Државниот Инспекторат за животна средина минатиот месец пронајде дека Општина Тетово не оформила заштитна зона на каптажата во месноста Лешница и не обезбедила физичка заштита на изворот кој е еден од главните водоснабдителни извори на Тетово.

„Проблемите со водоснабдувањето во голема мерка се резултат на она што и се прави на Шар Планина“, вели Хамди Сулејмани, активист на здружението „Пријатели на Шара“.

„Мали хидроцентрали и копање на речни корита од каде се врши водоснабдување, сечењето на шумата и создавање свлечишта, на што сме сведоци насекаде низ планината, а особено на Лешница, сето тоа неминовно ќе им се врати на луѓето преку проблеми“, вели Сулејмани.

РЕПОРТАЖА Лешница, бисерот на Шар Планина, загрозена од малите хидроцентрали и од несовесните посетители

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот