Вода све пере, ал шта уста пос*ре, то вода не пере

Фото: Слободен печат/Ана Анастасовска

Читам вчера на нашиот сајт изјава од премиерот дека нема да дозволел неколку криминалци, еден педер и еден суетен новинар да ја срушат власта. Прво што си помислив е дека не е можно премиерот да дал таква изјава. Си викам колегиве, млади, неискусни, не сфатиле нешто, сигурно направиле грешка. Веднаш се јавив кај дежурниот да ми ја испрати интегрално изјавата да ја слушнам.

И имав што да слушнам. Колегите, млади, ама не утнале. Правилно му ја пренеле изјавата.

Се изнасмеав, а после си реков: Не е смешно, трагично е. Трагично е што еден премиер на држава дава изјави понесен од емоциите и од очигледната нервоза околу случајот „Рекет“. Трагично е што еден премиер на држава користи такви квалификации, особено што таквите квалификации доаѓаат од устата на оној кој се бореше против нив, се бореше за слободата на изразување, за слободни медиуми, за правата на ЛГБТ заедницата. На тие заложби ја доби власта. Затоа го рушевме режимот на Груевски. (Груевски колку и да имаше цврсти и примитивни ставови за ЛГБТ заедницата, никогаш не си дозволи јавно да рече педери).

Ме интересира, ако Боки 13 не беше педер (според Заев, бидејќи никој не ја знае со сигурност сексуалната ориентација на шоуменот) што ќе кажеше тогаш премиерот? Како ќе го именуваше, еден хетеро?! Како ли ќе го именуваше ако имаше некој физички недостатотк, ако имаше пречки во развојот, ако беше друга националност, не знам милион прашања ми се вртат во глава.

Изјавата за суетниот новинар, пак, ме потсети на една славна изјава на премиерот Груевски со која и официјално го стави крајот на слободните медиуми. Тоа е онаа изјава кога јавно, на митинг, ги повика граѓаните да не им веруваат на медиумите на Велија Рамковски, на А1, Време и на Шпиц, бидејќи ширеле лаги и невистини и сакале да го срушат. После тоа знаете што следуваше.

Сега и Заев, во духот на изјавата на Груевски, ни порача, баталете оној суетниот новинар што пишува, не му верувајте, тој сака да ми ја сруши Владата.

Го рушевме Груевски, го добивме Заев. Што сменивме? Ништо?! Се било фарса и замајување на јавноста?! Не, сменивме многу и не треба тука да застанеме. Заев нека закочи малку со изјавите и нека размисли пред да изјави нешто. Нека не создава погрешен впечаток. Нека не ги урива демократските вредности кои почна да ги враќа со неговите непромислени изјави.

По ваквата изјава, Заев и тие околу него нека не се обидуваат да се извинуваат, да се перат и да бараат прошка. Тука не помага ниту извинување од срце, ниту извинување до небо.

Мајка ми често знаеше да ми рече: „Пази што зборуваш, вода све пере, ал шта уста пос*ре, то вода не пере“.

Затоа, пазете што зборите. Да живее Северна Македонија, демократска и слободна.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот