ВОА: Стејт департментот без одговор за критериумите за покана на држави за учество на Самитот за демократија

Стејт департмент/ Фото: МИА

„Не ги коментираме интерните размислувања за тоа зошто одделни земји не се поканети на Самитот за демократија и човекови права”, кој го организира американскиот претседател Џо Бајден, соопшти Стејт департментот.

„Претседателот Бајден вети дека ќе биде домаќин на Самитот за демократија за да ја зајакне нашата посветеност на позиционирање на демократијата и човековите права во срцето на американската надворешна политика”, соопшти неименуван портпарол на Стејт департментот како одговор на прашањето поставено од Гласот на Америка (ВОА).

Виртуелниот настан, за кој дел од светската јавност очекува да придонесе за запирање на колапсот на демократијата, како и на правата и слободите на глобално ниво, е планиран за 9 и 10 декември со учество на најмалку стотина учесници од цел свет.

Засега, освен навестувањето за конечниот број на учесници, списокот и нивните имиња се уште не се објавени. Влијателниот американски медиум Политико објави детали од привремената листа на гости на која се Франција и Шведска, но и земји како Филипините и Полска – во кои се чини дека степенот на демократија пропаѓа.

Што се однесува до регионот на Западен Балкан, истиот извор посочува дека се поканети Албанија, Црна Гора и Северна Македонија, за разлика од Србија, Косово и Босна и Херцеговина, јави Гласот на Америка.

„Нема да коментираме за внатрешни размислувања зошто одредени земји не се поканети”, се наведува во одговорот до ВОА и се дополнува дека САД сакаат на Самитот да бидат вклучени и претставени земји од различни региони и социо-економски карактеристики. Во соопштението изостанува одговорот за критериумот според кој се поканети некои држави.

„Ќе бара иновативна и силна посветеност на одбраната од авторитаризмот, начини за справување и борба против корупцијата и промовирање на почитувањето на човековите права дома и во странство. Самитот за демократија го истакнува длабокото уверување на претседателот Бајден дека демократиите треба да се обединат, да учат заедно, меѓусебно да се поддржуваат и да работат заедно за да се справат со најитните предизвици во светот”, изјави неименуван портпарол на Стејт департментот во одговорот до ВОА.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот