Во знак на благодарност за вакцините: Српските туристи нема да плаќаат паркинг во Охрид

Фото: Unsplash / Горјан Ивановски

Во Белград денеска македонска делегација предводена од директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППР), Љупчо Јаневски и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски имаше разговори за унапредување на туристичката соработка со Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

За време на разговорите со државниот секретар во српското Министерство за трговија и туризам, Жикица Несторовиќ и директорката на Туристичката организација на Србија (ТОС), Марија Лабовиќ се отпочнаа и преговорите за враќање на редовната авионска линија Белград- Охрид – Белград, која пред повеќе од две децении била со фрекфенција два пати дневно, а сега преговорите се водат за два пати неделно.

– На состанокот ја потенциравме регионалната соработка, потребата од подобро поврзување и повторно рестартирање на авио линијата Белград-Охрид со Ер Србија и дополнителна заедничка промоција на регионот во Европа. Се надеваме и на трети пазари, поголема взаемна промоција во двете земји и во 2021 година очекуваме поголем број на туристи од регионот, особено на српските туристи, изјави за МИА директорот на АППР, Јаневски.

Тој ги истакна и погодностите за српските туристи, како што се бесплатната патарина долж автопатот Е-75, попустите во дел од хотелите и рестораните во Охрид, Скопје и Дојран и бесплатниот паркинг во Охрид, што денес во Белград го презентираше градоначалникот на Охрид.

Директорката на ТОС, Марија Лабовиќ изјави дека за Србија, македонските туристи се многу значајни и секогаш се меѓу првите 10 странски туристи и ги повика да дојдат и да ја посетат Србија.

– Добро е што на состанокот ги разменивме идеите, искуствата и се договоривме едни на други да си помогнеме за се повеќе да се зголеми туристичкиот промет меѓу нашите две земји и да го продолжиме престојот на туристите на нашите дестинации. Се надевам дека состојбата со короната ќе се поправи и дека ќе продолжиме со веќе започнатите активности на далечните пазари за да ги привлечеме тие туристи на нашите простори во наредниот период, изјави Лабовиќ.

Бројот на туристи од Северна Македонија кои ја посетиле Србија во 2019 година пораснал за 11 проценти во споредба со 2018 година, додека во првиот квартал од 2021 во споредба со истот период лани бројот на македонски туристи во Србија претставува 7,7 отсто од вкупниот број на туристи во државата. Од друга страна, ситуацијата и во Северна Македонија е иста, односно бројот на српски туристи во 2019 година е во сличен, дури и поголем раст во споредба со претходната година.

Претходно, денеска во Белград, градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски при примопредавањето на дел од железната ограда која го опкружувала парламентот во Белград изјави дека тоа е знак на пријателство меѓу двата народа и ги покани граѓаните на Србија да го посетат Охрид. На чинот на примопредавањето присуствуваше и претседателот на српското Собрание, Ивица Дачиќ.

Голем интерес и денес: Македонците во долги редици за вакцинирање во Србија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот