Во жолт контејнер фрлајте пластика, во зелен стакло, во син хартија!

Фото: Фејсбук

Од Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Пакомак“ порачуваат дека е потребен минимален напор за да се селектира отпадот, а разликата е огромна.

Во синиот контејнер за хартија фрлете ги амбалажите од хартија. Тука спаѓа и тетрапак отпадот, какви што се амбалажите од млеко, сокови, сосови и друго.  доколку имате поголема количина амбалажен отпад во вашиот дом, повикајте ги службите на локалното јавно претпријатие да ја преземат. Заедно да бидеме промената што сакаме да ја видиме во општеството и да изградиме подобра и почиста иднина за нашите деца, порачуваат од Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Пакомак“.

Оттаму упатувајќи совети до населението за правилно селектирање отпад, велат дека селектирањето на отпадот и грижата за животната средина во која сите заедно живееме, почнува од секој од нас.

– Никој друг не може да го земе пластичното шише од вашиот дом и да го фрли во контејнерот за селекција освен вие самите, а вашиот избор не е само ваш, туку и избор за тоа како ќе живеат вашите деца – велат од „Пакомак“.

Во спротивно, како што посочуваат, стаклениот, пластичниот и хартиениот отпад завршуваат на депониите, кои имаат ограничен капацитет, каде што скапуваат и ги загадуваат водата, воздухот и почвата во која ја растеме храната за нас и нашите деца.

– Животната средина е местото каде што постоиме, се движиме, работиме, дишеме. Таа е основна човекова вредност и право, кое сме должни да го заштитуваме и унапредуваме. Заштитата на животната средина е темелна вредност дури и на уставниот поредок на нашата држава. Имаме право на чиста животна средина, но што е со нашите должности кон неа? – соопштија од „Пакомак“.

Оттаму појаснуваат дека заштитата на животната средина во Македонија претставува еден од најголемите предизвици на денешницата. Таа е, како што велат, наша должност, а негрижата за неа директно влијае врз сите нас, кои од неа ги црпиме ресурсите потребни за живот.

Според „Пакомак“, овие ресурси не се лесно обновливи, а се лесно уништливи, селекцијата на отпадот е огромно олеснување, се разбира доколку го сфатиме нејзиното значење и влијание.

– Секој би требало да има на ум дека со заштитата на животната средина – се штити себеси. Кога ќе ја достигнеме свеста дека е неопходно да ја чуваме околината во која живееме, парковите, игралиштата, излетничките места, шумите, езерата и живиот свет, ќе сфатиме дека само така го зачувуваме сопственото здравје. Посебно сега, кога контејнери за селекција има во секоја населба и во секој поголем маркет, ја имате можноста да бидете промената што сакате да ја видите во општеството. Потребен е минимален напор да се селектира отпадот, а разликата е огромна – истакна Ико Брдароски, оперативен директор во „Пакомак“.

Како што посочуваат од „Пакомак“, во жолтиот контејнер за пластика треба да се фрлат пластичната амбалажа и лименките. Тука спаѓаат и шишињата од детергенти, омекнувачи, оцет и масло. Во зелениот стаклените амбалажи од шишиња и тегли, а во синиот контејнер отпадот од хартија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот