ВО ЖИВО | Заев: Многу луѓе во живо ми пишуваат дека дебатава е презначајна, ги одложив состаноците за да продолжам

Трибина „Патот до независноста“/ Фото: YouTube/Screenshot
Многу позитивни реакции од граѓаните има за денешната трибина на тема „Патот на (Северна) Македонија до независноста“, па организаторот, премиерот Зоран Заев одлучи да ги одложи денешните состаноци за да ги слушне ставовите и размислувањата на своите соговорници, и воедно важни чинители и учесници во изминатиот период од прогласувањето на независноста на Македонија.

Граѓаните преку каналите на социјалните мрежи може да ги слушнат размислувањата на гостите Стојан Андов, Љубчо Георгиевски, Васил Тупурковски, Љубомир Фрчкоски, Ѓулистана Марковска, Насер Зибери, Џевдет Хајредини, Мухамед Халили, Денко Малески за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат како дел од власта која во тоа време раководеше со државата.

Во досегашниот тек на дебатата, се обрати поранешниот премиер Љубчо Георгиевски кој истакна дека, опстанокот на земјава 30 години со, како што рече, толку маки, премрежија, борби е гаранција дека ќе опстанеме барем во следните стотина години.

Забораваме колку беше тежок периодот на отцепувањето, при распадот Македонија и не беше некој фактор, но најверојатно доволно добро го искористи тоа за да ја оствари својата цел, бидејќи целта е најважна, а тоа е Македонија да биде самостојна и независна држава. Ако не беше контекстот на распадот на комунистичкиот блок и со тоа распадот на поранешна Југославија нема да ја имавме независна Македонија, рече на трибината Георгиевски кој сега е претседател на ВМРО-НП.

Поранешниот министер за внатрешни и за надворешни работи и професор Љубомир Фрчкоски се осврна на важноста на одговорноста на политичките елити во тие моменти.

Најважната работа е важноста на одговорноста на политичките елити во такви моменти на промена. Во транзициските земји независно од ефуоријата на народот, тежината на политичките елити има посебна важност. Одговорноста на политичките елити во Македонија тогаш беше значајна и кај македонскиот и кај албанскиот блок и тоа изведе една операција која е ретка за една мала држава која првпат беше независна, која не постоеше во диломатската меморија во светот, бевме тотално оставени во тој прв период сами на себе, иако имавме стратешки партнери, рече Фрчкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот