Во залез ерата на Борисов, Трифонов е новиот зрак на надеж

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Завршија и тие долгоочекувани кај нас редовни бугарски парламентарни избори, но по нив толку се измешаа картите на бугарската „покерско“ политичка маса, што веднаш тамошните политиколози и социолози предупредуваат дека се можни, многу веројатно, нови брзи избори, при ситуација да не може да се состави стабилно правителство, односно коалициска влада.

По единаесетгодишно непречено владеење во кое само ги менуваше своите коалициски партнери во извршната власт и со мал прекин од 2013-2014 година, се чини дека дојде крајот на ерата на владеење на Бојко Борисов. И покрај тоа што номинално победи неговата партија ГЕРБ, голема е веројатноста да не може да состави влада, бидејќи отпадна од игра неговиот досегашен коалициски партнер во власта, ултранационалистот и карикатуралниот радикал на бугарската политичка сцена, лидерот на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов, кој не успеа да го надмине законски предвидениот потребен цензус од 4 отсто.

Идеолошка и партиско-коалициска шареноликост

Другите партии се насочени против владеењето на ГЕРБ и врз база на тоа го добија тој голем резервоар гласови од бугарските граѓани, т.н. „протестен вот“ против еднодецениското фасадно-популистичко владеење на герберите. Најголемото изненадување на овие избори е пејачот и шоуменот Слави Трифонов и неговата скорешно регистрирана партија „Има таков народ“, кој се позиционираше на второто место, веднаш зад Борисов, и ја истисна од вечно втората позиција „столетницата“, партијата на бугарските социјалисти (БСП), наследничка на Бугарската комунистичка партија (БКП), како партија на едно старо, изумирачко гласачко тело во кое особено младите не гледаат алтернатива на владеењето на Борисов, политичка структура, која доколку не направи коренити промени може да се соочи со судбината на ПАСОК во соседна Грција.

Традиционално, партијата на етничките Турци (муслиманските гласачи), Движението за права и свободи (ДПС), го освои својот предвиден контингент на гласови, но е позиционирана дури на петтото место, со што значително ѝ се намалуваат нејзините олигархиско-коруптивни влијанија и уцени при формирањето на идната бугарска власт. Пред неа се позиционираше коалицијата „Демократична Блгарија“, композиција составена од три партии: „Зелените“, „Демократи за свободна Блгарија“ и „Да Блгарија“, со предводник Христо Иванов, кој ги започна минатогодишните летни масовни протести против владеењето на Бојко. Освоија околу 10 отсто од изборното гласачко тело по првите пребројувања и се наметнаа како сериозен фактор при евентуалното идно формирање на влада. Последна политичка формација која го пројде изборниот праг е коалицијата „Изправи се бг! Мутри надвор“, предводена од поранешната омбудсманка и поранешната кандидатка за градоначалничка на Софија, Маја Манолова, која е политички жесток противник на Борисов. Познавајќи го анимозитетот што го негуваат едни кон други, овие  политички првенци на нашиот источен сосед, по овој нов политичко-собраниски „тјурлјугјувеч“, како што би го нарекле тие, односно „турлитава“ на наш, македонски, лично предвидувам скорешни парламентарни избори кај Бугарите, можеби уште наесен заедно со редовните претседателски.

Ќе видиме ли наскоро светло на крајот од тунелот?!

Што е суштинско за нас, по овие избори кај соседите? Многумина  наши политичари и аналитичари предвидуваа, па дури и премиерот Зоран Заев велеше дека да поминат изборите во Бугарија, потоа со смирени глави ќе го најдеме решението?! За нас е многу битно тоа што отпадна Каракачанов од бугарскиот законодавен дом (а со тоа и од извршната власт), но неповолна ситуација е тоа што во Бугарија во никој случај нема, ниту пак може да се создаде стабилно парламентарно мнозинство кое промптно ќе го „реши проблемот“ со Македонија, а со тоа ќе ни дадат дозвола да ги почнеме преговорите со Европската Унија, ниту пак има партии кои се искрено и отворено наклонети кон тој процес, односно кон наше ставање на брзите шини кон крајната станица Брисел – чест на исклучокот „Демократична Блгарија“.

Познатиот шоумен и можеби во моментот најпопуларната политичка фигура кај нив, Слави Трифонов, има отворено жестоки и крајно радикални изјави и ставови по „македонското прашање“, кои се граничат со лудоста на К. Каракачанов, но и на досегашните перјаници Е. Захариева, А. Ковачев и А. Џамбаски! Така што, треба да намалиме со очекувањата и со лажно подгреаните надежи. Штетата е веќе направена (во декември минатата година) и е огромна до целосно разнебитување на какви-таквите односи кои постоеја меѓу двете земји и општества во минатото. Ќе треба многу труд, искрена волја од двете страни, желба за проактивна посветеност во решавање на нереално отворените проблеми меѓу нас, но пред сѐ директна и жестока американска дипломатска активност и притисок врз неразумните бугарски идентитетско-историски барања, за да не се случи повеќегодишно, па и децениско ново статус кво во европерспективите на земјите од Западен Балкан. Искрено, најмногу на таа дипломатија се надевам. Од европската видовме до каде стигнавме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот