Во време на корона, не е време за партиска пропаганда

смрт ковид, починати од ковид
Фото: Слободен печат/Драган Митровски

Група на граѓани кои се впрегнати во нечии дизгини, активно споделуваат црни видеа на Јутјуб, пропратени со мрачни сцени и психоделична музика. Видеата претежно се безимени, без потпис на авторот или нарачателот.

„Ако се чуваш ти, ги чуваш и другите!“. Ова е само еден од насловите од спотовите на позитивната кампања на Владата и на Кризниот штаб за борба против заразата од Ковид -19. Во неа на граѓаните им се порачува, за да го заштитат своето здравје, темелно да ги мијат рацете, да го дезинфицираат телефонот, да најдат нов поздрав без допир. Сите овие пораки се поддржани со позитивни слики за да можат граѓаните полесно да ги запаметат. Самоиницијативно масовно ги споделуваат на фејсбук и твитер.

Но група на граѓани кои се впрегнати во нечии дизгини, активно споделуваат црни видеа на Јутјуб, пропратени со мрачни сцени и психоделична музика. Видеата претежно се безимени, без потпис на авторот или нарачателот.

Целта им е да се оцрни министерот за здравство, а преку него и Владата. Последното такво видео објавено на објавено на Јутјуб почнува со пораката дека здравствениот систем под раководство на Филипче е во распад, дека има најмал број на тестирани лица во земјава, а најголем на заразени и на починати лица од земјите погодени со Ковид 19. Наспроти ваквите тврдења во видеата, статистиките направени од земји во регионот го покажуваат спротивното. На пример, Македонија според бројот на спроведени тестови за коронавирус, е веднаш зад Хрватска.

Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми Бојан Кордалов за Слободен печат ја појаснува оваа појава. Вели дека е очекувано во моментов поголем дел од граѓаните да се врзуваат за здравствените работници и особено за министерот за здравство бидејќи од него очекуваат „спас“ од коронавирусот и целокупната ситуација. Токму затоа според него, политичарите тешко поднесуваат конкуренција со поголема популарност.

Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми

– Креирањето на негативни видеа и форсирањето на негативна кампања во овој момент само ќе предизвика забуна кај граѓаните и нивна повторна поделба по партиска, етничка, верска или било која друга основа. Ваквиот пристап, во комбинација со обидите за ширење на лажни вести, само дополнително ќе направат обид за поткопување на довербата во здравствениот систем, а такво нешто во моментот нема да донесе никому поени, а најмалку на било кој граѓанин – вели Кордалов.

Тој објаснува дека по дефиниција и искуство, во време на сериозни кризи со кои се соочуваат општествата, настанува мобилизација околу надлежните институции со цел давање поддршка за побрзо надминување на кризата. Слично се случува и денеска кога сме соочени со опасноста од коронавирусот. Било кое редовно истражување на јавното мислење покажува зголемен рејтинг на надлежните институции или индивидуи, како и актуелните влади во голем дел на земји во светот. Такво нешто последно можевме да забележиме со рејтингот на претседателот во САД, а дома со рејтингот на министерот за здравство и здравствените институции.

Затоа е важно, вели Кордалов да се потсетиме на една важна работа која политичките партии ја забораваат:

– Во вакви кризни ситуации не говориме за рејтинг кој се рефлектира на избори, туку за доверба во институции и нивни раководители да се справат во кризни ситуации. И таа доверба е важна да постои зашто токму од неа зависи на каков начин ќе се почитуваат мерките кои се преземаат, а зависи и поддршката за побрзо и поефикасно справување со моменталната корона криза. Значи, не можеме да знаеме дали и што ова значи, но со сигурност може да тврдиме дека ни е повеќе од потребна здрава доверба во институциите во моментот. Кога ќе помине сето ова, политичарите ќе го имаат целото време на светот да се вратат на своите игри (јавни и заткулисни), да ги реактивираат партиските „кујни“, но и да се натпреваруваат помеѓу граѓаните докажувајќи се кој е подобар и кому треба да му се даде/задржи власта – вели Кордалов.

Денес и премерот Оливер Спасовски рече дека не треба да се шират лажни вести и дезинформации бидејќи создаваат неоснована паники и имаат долгорочни последици, институциите овие злоупотреби ќе ги санкционираат.

– Никој не смее да ги вознемирува граѓаните, апелираме до медиумите и социјалните медиуми да се повикуваат единствено на официјалните податоци од државните институции – рече Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот