Во Вашингтон нa Денот на независноста ќе прозвучи „1812 година” од Чајковски и покрај руската агресија на Украина

4 Јули Њујорк
Прослава на Денот на независноста во Њујорк, САД / 4 јули 2018 / Фото: EPA-EFE/ALBA VIGARAY

Американскиот претседател Џо Бајден и првата дама Џил денеска на најважниот празник во САД, Четврти јули, се домаќини во Белата куќа каде што спремаат скара за воените семејства. На Капитол хил на концертот вечерва, не е откажана изведбата на „1812 година” од Чајковски и покрај руската агресија на Украина

Четврти јули се смета за најпатриотскиот ден во САД кога Американците се собираат кај роднини и пријатели да прослават со скара или одат на пикник. Во заедниците, градовите и окрузите денот започнува со паради а завршува со огномети.

Во Вашингтон синоќа се одржа пробата за главниот настан денеска за одбележување на Денот на независноста на САД, отворена за јавноста првпат по две години пауза поради пандемијата. На прославата, која ќе биде емитивана во живо од Пи-би-ес, ќе настапат низа познати американски актерски, кантри и блуз изведувачи.

Се предидува да дојдат стотици илјади од цела Америка – сите го исчекуваат спектакуланиот огнометот над Националната алеја кој според властите на градот ќе трае речиси цел час.

Обезбедувањето е на највисоко ниво, полицијата е распоредена низ централните улици од споменикот на Вашингтон до Капитол хил. Дописникот на МИА од Вашингтон синоќа имаше можност да ја проследи пробата за вечерашниот концерт и да го слушне звукот на хаубиците на Националната гарда што пред зајдисонце се очекува да дадат сигнал за огнометот.

Топовите всушност се дел од изведбата на Симфонискиот оркестар на Вашингтон на „1812 година” – свечена увертира, концерт од Чајковски посветен на победата на Русија во војната против Наполеон во 19 век, важен настан за Европа и Америка. Овој концерт традиционално се изведува на Денот на независноста, како во Вашингтон така и во многу други главни градови на сојузните држави.

Поради инвазијата на Русија на Украина многу од државите протестираа и го откажаа концертот со назнака дека е дел од руската култура, но властите во Вашингтон сепак одлучија да не ја менуваат традицијата, па топовите ќе одекнат.

На подиумот поставен на западниот тревник на Капитол хил, ќе настапат кантри ѕвездите и изведувачи Дарен Крис, Јоланда Адамс, Глорија Гејнор, Кеб мо, Емили Беар и Енди Грамер.

Многумина со нетрпение ја очекуваат и кратката бродвејска изведба на „Вест сајд стори“, класична љубовна приказна со ликови од њујоршката работничка класа, a по повод 65 годишнина од првото бродвејско шоу, најавена синоќа на пробата од оригиналната актерка на оваа претстава, Чита Ривера.

Денот на независноста ја слави одлуката на 13. првични колонии да се откажат од британското владеење и да ги формираат Соединетите Американски Држави.

Ропството врз Афроамериканците тогаш било широко практикувано во колониите додека основачите работеле на стекнување на сопствена независност од Британија.

Она што колонистите го сакале само за себе и очигледно не верувале дека и нивните робови имаат право, иако Декларацијата го вклучува овој пасус:

„Ние сметаме дека овие вистини се очигледни, дека сите луѓе се создадени еднакви, дека нивниот Создател им дал одредени неотуѓиви права, дека меѓу нив се животот, слободата и потрагата по среќа“, се вели во Декларацијата.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот