Во Турција откриена нова варијанта на Ковид-19

Ковид-19 / Фото: Илустрација

Властите во Турција во понеделникот објавија дека откриле нова варијанта на Ковид-19 во западната крајбрежна провинција Измир.

Во соопштението, Лекарската комора во Измир и Здружението за клиничка експертиза за микробиологија велат дека освен главните мутации на вирусот – варијантите Алфа, Бета, Гама и Делта – откриени се и нови типови.

„Анализите на секвенцата на нуклеинска киселина треба да се шират и резултатите да се споделат отворено со јавноста, со цел да се истражат карактеристиките на овие варијанти“, рече Комората, според информативниот сајт Ахвал.

Соопштението ги поттикна шпекулациите за тоа дека ексклузивно за Турција постои нова варијанта на „Ковид-19“. Бидејќи земјата во понеделникот регистрираше 18,857 нови инфекции и 232 смртни случаи, најмногу дневно од крајот на мај, турските научници работат на истражување за да утврдат дали постои ексклузивна турска варијанта.

Дејли Сабах објавува дека на Универзитетот во Истанбул, истражувачите ја подготвуваат картата на геномот на Турција токму за оваа намена. Досега, тие анализираа примероци од 500 пациенти од целата земја и тие сакаат да ги удвојат овие бројки.

Турција, како и остатокот од светот, се бори со новите варијанти делта и делта плус. Научниците предлагаат измени во програмите за вакцинација и тестови на полимеразна верижна реакција (ПЦР) за правилно идентификување на пациенти заразени со варијанти.

Мапирањето на геномот ќе и помогне на земјата да идентификува каква било нова варијанта што би можела да влијае исклучиво на турската јавност. Истражувачите се надеваат дека ќе најдат одговори за неколку месеци.

„Одговорите може да го сменат начинот на кој се бориме против пандемијата, од нејзината дијагноза до нејзиниот третман“, рече доктор Фарук Берат Акчешме во понеделникот за ДХА.

Бројот на случаи на „Ковид-19“ во Турција се зголеми од помалку од 5.000 дневно во почетокот на јули, кога владата ги ублажи ограничувањата за движење на населението, на над 20.000 на крајот од минатиот месец, што е највисоко ниво од април.

Стапките на вакцинација во Турција се под просечните во Европа. Според податоците на Министерството за здравство, земјата вакцинираше околу 35,5 милиони возрасни лица со две дози. Турција има население од околу 85 милиони луѓе, што значи дека бројот е еднаков на само 41,8 проценти од граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот