ВО ТЕК Е ИСТРАГАТА: Полицијата нема решение за криминалот во земјава

Полициски службеник / Фото: Архива

Еден куп нерешени случаи во државава висат во воздух. Истраги се водат, но истрагите никако да завршат. „Бомби“ пукаат на социјалните мрежи, осуденици бегаат од земјава, но и од затворите. Низа немили настани во кои имаше повредени, во еден случај и насилна смрт, за жал, поради бавноста на полициските истраги, останаа неразјаснети. Жртвите, оштетените, нивните најблиски и јавноста останаа без одговор кој е виновен за маката и болката со која и денес мораат тие да живеат поради туѓата непрофесионалност и немарност. Грабежи има речиси на секој чекор, а ретко кога некој од крадците е фатен. За низата случаи од полицијата велат дека истражителите постапуваат поединечно, професионално и пред сè, се истражуваат сите случаи детално, без да се избрзувало со претпоставки.

Груевски како Худини избега од Скопје

Пред „очите“ на полицијата, тивко и тајно во ноември лани од Скопје во соседна Албанија избега поранешниот премиер Никола Груевски, кој потоа со дипломатско возило на унгарската Амбасада во Тирана преку Црна Гора и Србија замина во Унгарија каде побара и доби политички азил. И после една година, бегството на Груевски е тајна. Обвинителката од Одделот за организиран криминал и корупција Вилма Русковска во синоќешното интервју на ТВ 24 рече дека Обвинителството нема докази дека некој е виновен за бегството за поранешниот премиер Никола Груевски.

– Имаме одредени сознанија за бегството, но немаме докази. А сознанија без докази не можам да ги изнесам во јавност. Клучните докази кои ни беа потребни од Албанија не ги добивме. Другото со што располагаме се само сознанија и индиции. Ние испитувавме дали тие пропусти се направени како резултат на кривично дело. Ние не успеавме да докажеме, бар до сега, дека било кој сторил кривично дело за бегството на Груевски – рече Русковска.

Кој му даде „бомби“ на Ел Чека?

Меѓу поголемите актуелни, а нерешени случаи за истражителите  пред сè е и мистериозното појавување на кичевчанецот Шекерим Ахмети, за пошироката јавност познат како Ел Чека.

Ахмети е иселеник кој со години живее во Чикаго, САД. Тој речиси цела година објавува снимки од телефонски разговори на политичари од албанскиот блок партии. Иако е започната истрага, македонската полиција нема одговор од каде му се на Ахмети снимките за кои, како што пишуваат албанските медиуми во земјава, датираат од пред неколку години. Едно е јасно, а тоа е дека посочените во разговорите никогаш не рекоа дека тоа не е нивниот глас. Кој тајно ги снимил и за која цел, дали законски или не, засега МВР не знае.

Со месеци горат возила во Штип, полицијата „истражува“

Овие два големи случаи засега немаат разрешница. Завчера во Штип изгоре „мерцедес“ паркиран пред зграда. И овој пат пожарот беше подметнат. Сопственикот вели дека нема никаква причина некој да му го запали автомобилот и нема непријатели. Пожарот избувнал десетина минути откако тој стигнал дома. Полицијата истражува и проверува дали во околните куќи и згради има камери и дали некој од соседите видел нешто. За другите детали молчат во интерес на истрагата.

Неколку дена претходно, во штипската населба „Сењак 3“ на улица „Борис Крајгер“ целосно изгореа три автомобили, а два беа опожарени. Возилата биле опожарени така што пироманите прво ги скршиле стаклата од возилата, а потоа во нив фрлиле молотови коктели. Автомобилите на Никола Тушев и неговиот татко Мите не биле паркирани еден до друг, туку на спротивни страни, поради што пироманите морале да употребат два молотови коктели. Во инцидентот било опожарено и трето возило кое се наоѓало веднаш до возилото на Мите Тушев.

Случајно или не, Никола Тушев до неодамна беше претседател на Општинската организација на СДСМ, неговата сестра Маринела е поранешна пратеничка, а денес работи во кабинетот на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, неговиот зет Бојан Маричиќ е дел од кабинетот на премиерот Заев, а Мите Тушев е долгогодишен активист на СДСМ во Штип. Можеби овој случај ќе минеше како неактуелна вест, ако медиумите од Штип не известија дека од почетокот на годината до сега во градот биле запалени 20 автомобили, а пироманот (подметнувач или подметнувачите) еве веќе 10 месеци се непознати. За некои, истражителите имале сомнение дека се дело на пиромани, но еве 10 месеци од првиот случај до денес, во „преголемиот“ Штип полицијата не може да открие кој тоа запали безмалку 20 возила.

Чија банда ограбува по Скопје?

Суровата вистина не е многу далеку од Штип. Во Скопје за само неколку месеци беа извршени два големи грабежи тешки над 300.000 евра, а од крадците нема трага ни глас. Единствено што знае полицијата е дека грабежите, а тоа го знае секој, биле дело на банда. На 15 април годинава од филијала на НЛБ Банка во скопски Чаир беа украдени 150.000 евра.

Вооружениот грабеж се случи во 10.36 часот, при што беше повреден вработен во обезбедувањето, како и двајца вработени во експозитурата.

Три месеци подоцна исто така беше ограбена експозитура на НЛБ Банка во Сарај. Грабежот беше извршен во утринските часови од страна на вооружена група разбојници. Во моментот на случувањата во експозитурата биле присутни вработени и клиенти. Во грабежот се украдени околу 115.000 евра.

Голем број случаи има и на поситни кражби, за кои граѓаните се жалат дека не се решени, односно не се фатени виновниците.

Се знае сè, само името на убиецот и на тепачот не

Мистерија остана и кој ја уби жената од скопската населба Шуто Оризари чии останки беа најдени во црна вреќа во скопско Горно Оризари. Нејзините коски беа фрлени на дива депонија. Останките ги најде вработен во „Комунална хигиена“ додека чистел на патот. Полицијата тврдеше дека имало неколкумина повикано на информативен разговор, но истрагата до денес не го откри ни кој ја уби, ниту кој и ги фрли коските на буниште.

Кулминацијата на бавната полиција беше достигната на 3 овој месец околу 17 часот. Тој ден во полиција беше пријавено дека 19-годишниот Б.Ф, од Скопје е нападнат од момче на улицата „Шекспирова“ во Скопје. Жртвата Ф.В. бил удрен со тврд предмет. Со возило на Итна помош беше пренесен во Ургентиот центар каде му беа констатирани тешки повреди. За настанот имаше низа сведоци. На полициските иследници тие им дале детален опис на насилникот, но, за жал и тој случај е без разрешница.

Од минатата година уште не е откриен поединецот или групата која со „калашњиков“ на улицата „Рузвелтова“ во центарот на Скопје ги уби Наим Ајети и Антонио Парапулов -Тозо. Само за илустрација, во 2018 година имало 18 убиства од кои само за едно имало епилог.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот