Во светот на Малиот Ѓокица (Иванов)

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Значи, отприлика, тоа е сценариото: пред неговото неславно заминување на буништето на историјата, Ѓорге Иванов да направи уште една масовна аболиција на сите обвинети или осудени за злосторите за време на минатиот режим, вклучувајќи ги и оние од 27 април. Во дел од јавноста веќе се гради морално-политичка аргументација за таквиот потез на Иванов, што би бил негов „одговор“ на Законот за амнестија со којшто веќе се ослободија од натамошно судење поголем број на директните учесници во насилствата во Собранието.

Од СДСМ реагираат дека тој зафат би бил законски неизводлив. Како, па, во светот на Малиот Ѓокица, Иванов некогаш да дозволил законот да му создава пречки за неговото политичко делување?! Тој ќе ја донесе одлуката (заверена со стар печат на Републиката), Врховен суд ќе се повика на неговото претседателско дискреционо право и ќе издаде оригинално толкување со важност за периодот од 1945-2045, ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи неколку хистерични прес-конференции, ќе се пренесат 3,5 ТВ дебати на кои Каракамишева ќе констатира дека Уставот дозволува кршење на законите – и осудените едно попладне ќе се најдат дома, пред следното утро нивните адвокати да поднесат барања за обештетување од страна на државата за секој ден поминат зад решетки на нивните клиенти, плус надоместок за претрпениот психолошки патриотски стрес.

Не е прв пат вака да функционира правната држава во Македонија. Нема во тоа никаков преседан. Напротив. Со европско знаменце!

Всушност, единственото нешто што во овој момент не е сосема јасно, е дали Иванов нема да направи и аболиција на Никола Груевски, генерално, од сите минати и идни обвиненија и пресуди, налик на поп кој со света (правна) вода прска по сите ѕидови кога истерува зло од нечиј дом? Онака, за век и вјеков, амин!

Можеби уште поинтересно е дали ќе има некој кој, сепак, ќе остане неиспрскан од светата правна водичка на кандилото на Иванов, како негова последна, мала одмазда за сите претрпени стресови и злоставувања што му ги правеше токму режимот на Груевски додека го третираше како малолетен прислужник со тенко гласче во црковен хор? Знаете на што мислам…

Сепак, за секој (претседателски) случај, ВМРО-ДПМНЕ со целата жестина се бори Гордана Силјановска Давкова да го наследи Иванов, за ако овој нешто или некого пропушти, таа да може, со јуридизација на политиката, да го коригира со помош на својот претседателски потпис.

Можеби сето ова звучи блесаво, но да не ве чуди ако на тоа се сведе целата операција на опозицијата. Затоа и се води таа кампања со „екстратерестријална“ жестина, со оцрнување на сè и секого што има придонес за нивниот пад од власта, бидејќи треба да звучи дека е тоа резултат на голема неправда што мора да се коригира со „божја интервенција“, од небесните височини на претседателскиот кабинет на Малиот Ѓокица.

Можеби и Заев ќе нè убеди дека така треба. И животот за сите си оди понатаму.

Другото е тра-ла-ла на фејсбук.

Извор: Цивил медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот