Во судството ни срам ни аларм

Жана П. Божиновска / Слободен печат

Лошата и болна вистина стигна како холандска шлаканица, која сепак треба да го вклучи алармот во државата, бидејќи не се работи за скандал што ќе се заборави и ќе помине за неколку денови. Напротив, може да има подолгорочни последици поврзани со евроинтеграцијата на земјава.

Во Македонија дефинитивно срамот умре. Судскиот совет, во последната епизода во која ја имаше главната улога, без трошка задршка ги отфрли како неoсновани тврдењата на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп дека новиот претседател на Советот е избран во нелегитимна процедура и затоа се става во мирување четиригодишниот проект, финансиран од неговата земја.

Амбасадорот Јан Коп без дипломатски ракавици и без да користи обланда за обвиткување на пораката кажа дека Судскиот совет стана „нелегитимно тело и тоа е многу сериозно и болно за гледање“. Но, ова не е само болно за гледање, болно е и за слушање. Особено што доаѓа од претставник на држава што секогаш отворено нѐ поддржувала, која потрошила милиони (последниов проект, што е ставен во мирување, изнесува речиси еден милион евра) од своите даночни обврзници за да ја помогне демократизацијата на земјава. Уште повеќе што амбасадорот, како што е вообичаено, изјавата не ја дава како свој личен став туку секогаш го пренесува ставот на државата што ја претставува.

Но, да тргнеме со ред. Што е неoсновано во изјавата на амбасадорот Јан Коп? Дали дека работите во судството се влошуваат, иако странските партнери мислеле дека има напредок и независно поставување судии? Или можеби во тврдењето дека има знаци на политичко влијание практично во сите судови? Или, пак, дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој?

Членовите на Судскиот совет можат слободно да ги погледнат сите испитувања на јавното мислење и ќе видат што мислат граѓаните за судиите и за судството. А ако тоа не им е веродостојно, слободно можат да ги прочитаат извештаите на Европската комисија. Ним сигурно ќе им поверуваат. А за случаите на СЈО не мора никаде да читаат, сигурно слушнале. Или можеби за неосновано го сметаат тврдењето дека Судскиот совет, всушност, станал нелегитимно тело?

Колку за потсетување, токму Советот е тело кое во последните месеци го тресеа скандали, почнувајќи од контроверзното разрешување на тогашната претседателка Весна Дамева, која како и нејзината претходничка Павлина Црвенковска, се жалеше дека нејзиното заминување е мотивирано од притисоци со политичка заднина, за на крајот трет претседател во последните пет месеци да стане Сашко Георгиев, кој веднаш прво ги „дисциплинира“ медиумите. Токму во негово време двајца членови на Советот пријавиле дека им било претурано по работите во канцеларија.

Чудно, но изостана реакција на изјавата на претседателот Стево Пендаровски, кој јасно кажа дека „овој Судски совет прилично се избрука во јавноста и во таа насока е коректна изјавата од холандскиот амбасадор да повлечат еден проект што требаше да се спроведе со Судскиот совет“. Можеби зборовите не се доволно силни или, пак, од неговиот кабинет не доаѓаат пари за проекти?

Лошата и болна вистина стигна како холандска шлаканица која сепак треба да го вклучи алармот во државата, бидејќи не се работи за скандал што ќе се заборави и ќе помине за неколку денови. Напротив, може да има подолгорочни последици поврзани со евроинтеграцијата на земјава. Многу лесно може да се случи европскиот пат да не зависи само од внесувањето на Бугарите во Уставот, туку да се соочиме со едно друго вето. Не е далеку денот кога ќе го прочитаме новиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, а што ќе има во него може уште веднаш да погодиме.

Доволно алармантно е потсетувањето на амбасадорот Јан Коп дека единствената причина поради која Холандија се согласи за членство на Македонија во ЕУ во февруари 2020 година, бил законот со кој гарантираше процесирање на случаите на СЈО, а сега е „болно за гледање“ тонењето на тие случаи, еден по еден.

И, ако ова не е доволно за аларм, наместо тврдењата дека судството е независно, ќе треба да се размисли и за „отвореното разочарување“ од состојбите во правосудството на американската амбасадорка Анџела Агелер, која минатиот месец испрати писмо до институции на извршната и на судската власт во земјава во кое ја изрази својата и загриженоста на САД за состојбите со правосудството.

Прашањето е колку брзо ќе се препознае црвеното светло на алармот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот