Во Србија повеќе си ги сакаат децата?

Фото: Слободен печат

Коронавирусот е реална закана за човештвото и на тоа мора сериозно да се гледа. Но, во меѓувреме не лошо да се стори нешто и за децата, за нивните родители и нивните наставнички, кои како покосени паѓаат од овој нашиот, обичниот грип.

Додека колективно се плашиме од ширењето на коронавирусот од Кина во остатокот на светот, малку подзаборавивме на нашиот автохтонен вирус, од кој годишно заболуваат илјадници сограѓани.

– Недостасуваат од 15 до 20 деца по одделение. Во четврто одделение вкупно на настава се појавиле осум ученици, во трето дошле три, ама немало кој да ги прими бидејќи наставничките им се болни. Најстрашно е е во 1-а одделение, каде сите 30 деца се болни, заедно со двете наставнички – ова ми го соопшти мајка на соученичка на мојата ќерка, која имала увид во списокот на отсутни деца од нашето училиште, покосени од сезонскиот грип. Според нејзините проценки, најмалку 80 проценти од учениците, но и третина од наставничките се разболеле во последните три недели, а тоа што е уште пострашно е што децата кои во меѓувреме се вратиле на училиште, повторно се заразиле.

Не сакам да кажам дека ние не треба да се грижиме за коронавирусот, напротив треба, но можеби во моментов не е лошо да превземеме вонредни мерки за актуелниот вирус што ни ги коси децата. Во прилог можам да ви го претставам сопствениот пример. Матичниот педијатар на моите деца ми вели дека дневно прегледува по 130 деца, од кои дваесетина завршуваат во Клиниката за белодробни заболувања „Козле“. Во аптека ми открија дека им недостасуваат средства за симнување на телесната температура, антибиотици, пробиотици, а нема повеќе ниту топломери на залиха.

Коронавирусот е реална закана за човештвото и на тоа мора сериозно да се гледа, да се направат сите неопходни подготовки за да се спречи заразата, а доколку ни се случи епидемија тогаш здравствениот систем треба да ја покаже на дело својата „жилавост“во справувањето со вакви ситуации. Но, во меѓувреме не лошо да се стори нешто и за децата, за нивните родители и нивните наставнички, кои како покосени паѓаат од овој нашиот, обичниот грип. И јас се прашував на кој начин би можело тоа да се направи, а одговорот го добив кога случајно на интернет ја прочитав информацијата дека во Србија е прогласена епидемија од сезонски грип, а една од мерките во борбата со вирусот е продолжување на зимскиот распуст за учениците.

– Толку едноставна мерка – си велам јас во себе, за да потоа на глас извикнам – па зарем во Србија повеќе си ги сакаат децата?

Навистина не знам каде ќе ни биде крајот доколку коронавирусот се „досели“ во овие наши јужни краишта. Како ќе се оди на лекар, како ќе се набавуваат лекови, кој ќе ни доставува храна, а кој ќе ја плати сметката струја?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот