Во Србија евидентирани најголем број новозаразени лица со Ковид-19

Тројца мажи и една жена починаа со што вкупниот број на починати се искачи на 103 лица.

Во Србија во изминативе 24 часа регистрирани се четири нови смртни случаи, тројца мажи и една жена, со што вкупниот број на починати се искачи на 103 лица, (71 маж и 32 жени) со смртност во однос на заразените од 1,9 отсто, јави дописникот на МИА од Белград.

– Во изминатите 24 часа, тестирани се 3.194 лица, од кои позитивни на вирусот се повторно над 400 случаи или 445 лица што преставува најголема дневна бројка на заразени, со што вкупно во Србија 5.318 лица имаат Ковид 19, изјави на владината прес-конференција д-р Дарија Кисиќ.

Вкупниот број тестирни лица заклучно со денеска во Србија изнесува 29.472 лица, а досега се излекувани 464 пациенти според резултатите на направени два негативни теста.

– Во „ковид болниците” вкупно се хоспитализирани 3.511 пациенти, од кои 128 лица се со влошена клиничка слика и ставени се на респиратор, истакна Кисиќ.

Од 5.318 заразени во Србија, 593 лица се здравствени работници, од кои 382 лица се хоспитализирани, а 5 медицински работници се починати.

Во карантин за полесните случаи на епидемијата, на Белградскиот саем сместени се 369 лица, во Ниш во спортскатa сала Чаир и хотелот Ценротурист има 296 лица, а во Студенскиот дом 217 лица, на Новосадскиот саем има 188 пациенти, додека останатите пациенти со лесна клиничка слика сместени се во бањите во Србија.

Епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ изјави дека во специјалната психијатриска болница во Горна Топоница, поради специфичноста на оваа установа, 318 пациенти и 152 вработени се ставени во изолација.

Во установите за социјална заштита и старечките домови, вкупно 243 лица и 32 вработени се позитивни на вирусот.

Кисиќ истакна дека епидемиолошката состојба во повеќето делови на Србија се држи под контрола, и дека сега се фокусирани на жариштата, меѓу кои е и Ниш, поради што оваа прес конференција на владиниот кризен штаб се држи во овој град.

Европската федерација на новинари истовремено ги критикуваше властите во Србија за одлуката новинарите да не можат да присуствуваат на прес-конференциите за новиот коронавирус или барем да поставуваат прашања во живо.

Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ денеска изјави дека четворица припадници на ова Министерсто починале од вирусот, додека околу 180 припадници се заразени.

Додека премиерката Ана Брнабиќ оцени дека „полека ја гледа светлината на крајот на тунелот” и да „се гледа крајот на оваа епидемија”.

Според епидемиологот д-р Предраг Кон, Србија е влезена во шестата недела и е на максимумот на линијата од епидемијата, изразувајќи увереност дека во наредните недели треба јасно да се види падот на активноста на вирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот