Во Собранието се формирани четири пратенички групи

Фото: МИА

Парламентарните партии до претседателот на Собранието испратиле дописи за формирање пратенички групи. Во Собранието се формирани четири пратенички групи, по две од владејачкото мнозинство и опозицијата, како и пратениците од Левица и ДПА кои не се во пратенички групи. Како независен пратеник на собраниската веб – страна засега фигурира само Игор Дурловски, кој е дел од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но не е член на партијата.

Пратенички групи формираа СДСМ и коалицијата „Можеме”, ДУИ, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија” и Алијанса на Албанците и Алтернатива, а како независни ќе делуваат двајцата пратеници од Левица и ДПА.

Координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата е Јован Митрески, а заменик Соња Мираковска, а претседателот на Собранието дополнително ќе биде известен за вториот заменик-координатор. Барањето е потпишано од 46 пратеници.

На пратеничката група на ДУИ координатор е Изет Меџити, а заменик координатор е Арбер Адеми, а за вториот заменик дополнително ќе биде известено. Во оваа пратеничка група се 14 пратеници.

Никола Мицевски е староновиот координатор на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а негови заменици се две жени, Дафина Стојановска и Ели Панова. Оваа пратеничка група брои 44 пратеници. За оваа пратеничка група е интересно што Игор Дурловски, како што стои на собранискиот сајт, во евидентен лист се изјаснил како независен пратеник.

Дванаесет пратеници ја сочинуват пратеничката група на коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива. Нивен координатор е Скендер Реџепи, а заменици Сурија Рашиди и Илире Даути.

Од Левица се Димитар Апасиев и Борислав Крмов, а од ДПА Мендух Тачи.

Врз основа на член 33 од Деловникот за работа на Собранието пратеничката група ја сочинуваат најмалку пет пратеника кои припаѓаат на една или на повеќе политички партии, а пратеникот може да биде член само на една пратеничка група. Пратеничката група определува координатор на пратеничката група и до двајца заменици.

Врз основа на овој член, пратеничката група на претседателот на Собранието му доставува список потпишан од секој член на групата, координаторот и неговиот заменик.

Пратеничката група има право на стручна помош и право да користи посебна просторија, согласно со бројот на пратениците.

За промената на составот на пратеничката група, на координаторот и на неговиот заменик, се известува претседателот на Собранието, кој за тоа ги известува пратениците.

Собранието на Република Северна Македонија брои 120 пратеници. Дел од владејачкото мнозинство се 62 пратеници од СДСМ и коалицијата, ДУИ и ДПА, додека опозициски делуваат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Алтернатива и Алијанса и Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот