Во Собранието мириса на затишје пред бура

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Напната е денешната атмосфера во Собранието. Се закажуваат, па се откажуваат комисиски расправи, координациите кај собранскиот спикер за Законот за јавното обвинителство траат речиси цел ден, а пратениците се недостапни на мобилните телефони. Во собраниските ходници се вртат многу шпекулации. Една од нив е дека владејачкото мнозинство веќе го има потребниот број на гласови, 80, за носење на Законот за јавното обвинителство. Во фокусот е и одлуката на  ВМРО-ДПМНЕ да не го напушта парламентот. Но, според неофицијални информации, претседателите на собраниските комисии од ВМРО-ДПМНЕ нема да ги закажуваат седниците.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да го блокира носењето на законите. Вчера попладне блокирале уште неколу закони, меѓу нив и оние за минерални суровини, за безбедност во сообраќајот, за репрограмирање на долговите на јавните претпријатија. Вкупно во собраниските архиви за Законот стигнале над пет илјади амандмани. Пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов, рече дека сите овие закони пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги блокираат по налог на партиското раководство. Според Костадинов, се уште не се знае кога спикерот Џафери ќе ја закаже собраниската седница за Законот за јавното обвинителство. Тој не открива дали владејачкото мнозинство го има обезбедено потребниот број гласови, но затоа, пак, вели дека е оптимист дека пратениците ќе застанат на страната на правото и правната држава.

-Правда ќе има. Не успеа мисијата на извршителот Христијан Мицкоски да го спаси од одговорност својот шеф Никола Груевски.  Законот за јавното обвинителство  е темел на реформите во правосудството и гарантира неселективна правда. Правниот систем добива трајно решение без да има потреба од специјални институции и ад хок експериментални решенија. Аудио материјалите остануваат докази во предметите што ги покрена СЈО покренати до 30.06.2017, нема да има скриена амнестија за никого.  Секој против кого постои обвинение ќе одговара пред институциите. Тоа му пречи на Христијан Мицкоски па цела година преку пратениците прави се за ова законско решение да не се донесе и да не завладее правната држава. Усвојувањето на Законот за јавното обвинителство значи и европска перспектива и за државата и за граѓаните. После ова, ЕУ  е на потег – рече Костадинов.

Вчера Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ заседаваше за да донесе одлука дали ќе го напушти парламентот на два дена пред распишувањето на изборите.  Во денешното партиско соопштение нема ниту збор околу вчерашната изјава на нивниот лидер Христијан МИцкоски дека не гледа веќе потреба пратениците да седат во собраниските клупи.  

Засега, за денеска нема закажано пленарана собраниска седница. Од Собранието потврдуваат дека е стигната иницијативата за оставка на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи. Нема информација дали спикерот Џафери ќе ја стави на седница. Денеска премиерот Оливер Спасовски уште еднаш рече дека очекува оставка и нов предлог од ВМРО-ДПМНЕ за шеф на ова министерство.  

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот