Во Скопје живеат 180 бездомници, а во Пунктот за бездомници има место само за 40

Повеќе од десет години, Пунктот за бездомници во Момин Поток е единственото место каде 180 бездомници регистрирани во дата базата на Црвениот крст на Град Скопје можат да добијат медицински, хигиенски и берберски услуги.

Овие услуги секои среда и петок надополнети со топол оброк и менување на нечистата облека, на дневна основа ги добиваат 90 бездомни лица.

Светскиот ден на бездомништвото денеска со свечен ручек го одбележаа 90 бездомни лица, кои ги користат услугите на Пунктот за бездомници во Момин Поток.

Пунктот работи во текот на цела година

Сместувачкиот капацитет на прифатилиштето, вклучувајќи го новоизграденото женско одделение, е 32 кревета, број што не ги задоволува потребите на бездомниците, посебно во зимскиот период. Во случај на поголем број лица истовремено да им е потребно згрижување во пунктот за бездомници, просторот се адаптира и во него можат да се сместат 40 лица.

Социјалниот работник кој работи на реинтеграција на бездомните лица, во општествениот систем, Драгана Лазаровска, вели дека ова е уникатно место, за заштита на оваа посебна категорија граѓани.

– Црвениот крст го издигна на едно ниво, го претвори во едно уникатно место за сигурност и заштита на една од најзагрозените категории граѓани – изјави Лазаровска.

На светско ниво, според податоците на Обединети нации, 100 милиони лица се бездомници, што значи дека секој седумдесетти граѓанин е бездомник. Галопирачкиот тренд во кој луѓето остануваат без своите домови, не ја одминува ниту Македонија. Како што информира Лазаровска, кога во 2010 година пунктот ги отворил вратите за бездомниците, истиот го посетувале десет лица, за денеска оваа бројка да достигне 90 лица.

– Студените ноќи се најголем непријател за луѓето без покрив над глава. Хипотермијата се случува да одземе и човечки животи. Најчесто жртви на студот се бездомните лица кои не го посетуваат Пунктот за бездомници, вели Лазаревска, која потврдува дека и меѓу нивните штитеници имало сериозни компликации, но како резултат на присебноста на тимот за прва помош, често бездомниците се спасуваат од сигурна смрт.

Покрај Скопје, шелтер центри за бездомните лица се потребни и во останатите градови низ републиката, и добро е надлежните да почнат да размислуваат за нивно отворање, велат од Црвениот крст на Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот