„Во ситуација сум да бирам меѓу мајка ми и сопругата“: Психологот Дора Попова-Узуновски одговора на вашите прашања

драга дора
Фото: Приватна архива
Имате проблем и сакате совет од стручњак? Дора Попова-Узуновски, гешталт психолог и магистер на Психолошки науки во областа на клиничката и советодавната психологија, основач на Центарот за применета психологија „Дора“ во Скопје, ви дава совет како да го решите вашиот проблем.
Фото: Приватна архива

Почитувана Дора, веќе подолго време се наоѓам во ситуација во која морам да бирам помеѓу моите родители и сопругата. Живееме во заедница и мојата мајка честопати ѝ префрла на жена ми дека не работи доволно, а татко ми на тоа се надоврзува фалејќи се колку била вредна неговата жена на нејзини години. Вистина е дека мојата сопруга не е како жените од порано, но од друга страна, оди на работа и многу се посветува на децата, па не останува време за чистење на куќата. Досега немав проблем и ја оставав сама да се „брани“, но веќе и мене ми станува товар, а и на неа не ѝ е сеедно. Кој е вашиот совет?

Почитувани, иако живеете во заедница, многу е важно да постојат јасни граници меѓу вашето потесно семејство, односно вие со сопругата и децата заедно, од вашите родители кои спаѓаат во пошироко семејство. Во овој случај важно е границата да ја поставите вие на вашата мајка, бидејќи ако ја оставите сопругата постојано сама да се справува со проблемот, таа ќе се чувствува незаштитетно од ваша страна, а ќе ѝ биде потребен и сојузник. Кој друг е подобар сојузник од партнерот и неговата поддршка? Генерациските јазови постоеле отсекогаш во семејствата и често се причина за конфликт пред сè поради различните сфаќања и промените во времињата. Главно прашање е прво како вие се чувствувате со вашата сопруга и што вам ви е важно од неа? Дали можеби очекувањата на вашата мајка за тоа каква сопруга треба да имате, влијае и на вашиот личен став и однос кон сопругата? Дали сигурно имате расчистено со тоа дека сте во ред со вашата сопруга и дека ја прифаќате таква каква што е? Штом чувствувате товар, тоа значи дека веќе некое време вие го потискате проблемот во себе, не сте поставиле јасна граница навремено и поради тоа проблемот се претворил во товар, па сега ви тежи. Што е тоа со кое се спречувавте да ѝ поставите јасна граница на својата мајка? Доколку вие се преиспитувате и потиснувате постојано пред неа, тоа значи дека можеби вашиот однос не е разрешен и дека сѐ уште пред неа сте во улога на дете, наместо на возрасен маж. Мојот совет е што побрзо вие да искомуницирате со мајка ви и да ја поддржите сопругата без да се плашите од конфликт, па дури и тој да се случи.  Некогаш и тој е нужен кога треба да се случи одредена промена во животите на луѓето. Распаѓањето на старите матрици и концепти на функционирање се нужен дел од растењето и созревањето на личноста.

Драга Дора, јас сум дете на разведени родители, а сега гледам како и мојот брак се распаѓа. Инаку сум растена со очувот, кого го сметав за татко, бидејќи тој беше човек што се раѓа еднаш во 1000 години и мене ме сакаше како свое дете. Мојот сопруг на нашите две деца ни одблизу не им е посветен, како што очувот беше посветен на мене. Па, сега се прашувам, дали јас имам репер и го барам тој човек во сопругот или навистина татко им не им се посветува доволно? Инаку децата имаат 4 и 8 години. Моето прашање е колку и како треба да се однесува еден татко кон своите деца?

Почитувана, од „не се посветува доволно“ до „не се посветува како мојот очув на мене“, постои голема разлика. Но, во овој случај потребно е да се разгледаат повеќе фактори на влијание. Прво, ајде да го разгледаме вашиот репер. Секако дека несвесно ние луѓето очекуваме партнерите во брачниот и во родителскиот однос да се однесуваат како луѓето кои нѐ одгледале. Меѓутоа не значи дека ако брачниот партнер тоа го прави поразлично, не е во ред. Значи дека само е поразлично. Многу е важно да бидете свесна за очекувањата од вашиот сопруг како татко. За почеток, наместо да се фокусирате на тоа што тој не прави, увидете што тој прави за своите деца. Ме прашавте како еден татко се однесува кон своите деца. Видете дали покажува некаква одговорност или постојано вам ви ја префрла одговорноста за сè што се случува во врска со нив, во што е вклучен, а во што не, дали и на кој начин комуницира со нив, дали ги разбира, дали ги уважува нивните потреби, дали застанува зад нив како татко, дали пружа чувство на сигурност и безбедност, дали е достапен за нив кога станува збор за потреба од физички контакт (прегратки, бакнежи). Тие информации може да ги дознаете и од децата за тоа како тие се чувствуваат со татко им. Исто така важно прашање е поради што имате доживување дека бракот ви се распаѓа? Дали неговата непосветеност како што вие ја доживувате е единствената причина за тоа или има и други причини? Дали можеби тие други причини делуваат врз неговата посветеност? Каков е вашиот меѓусебен однос? Иако велите дека сте имале очув кој ви бил многу посветен, можеби несвесно сте земале и пример и од вашиот татко. Затоа е битна информацијата на која возраст вие сте биле кога вашите родители се развеле. На пример, ако сте биле на возраст над 5 години, сигурно дека тој период до 5 години, оставил последици во вашиот живот. Важно е да се земе предвид и вашиот однос со татко ви по разводот со мајка ви. И за крај, обидете се да разговарате со сопругот и да го испитате неговиот став и како тој се чувствува како татко и како тој ја доживува неговата посветеност.

Пишете ѝ на Дора за тоа што ве мачи, на мејлот: [email protected] или на адреса „Ристо Шишков“ број 20, Скопје, а ние ќе го објавиме нејзиниот советодавен одговор, или директно контактирајте ја во Центарот за применета психологија „Дора“, тел. 075 310 781 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот