Во Штип одбележани 39 години од смртта на Ацо Шопов

Добитници на признанието „Во чест на поетот”, кое секоја година го доделува Центарот за култура „Ацо Шопов” – Штип се издавачката куќа „Матица” и поетот, литературен критичар и антологичар Раде Силјан. Директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов”, Горан Трајков вели дека годинава запазувајќи ги мерките се одлучиле манифестацијата наместо во живо да ја снимаат и да ја споделат на социјалните мрежи.

– Манифестацијата „Во чест на поетот”, со изменета содржина се организира од 1985 година, само три години по смртта на поетскиот великан Ацо Шопов. Центарот за култура „Ацо Шопов” од пред неколку години одлучи да доделува признание на институции и поединци, кои дале свој придонес во афирмацијата и популаризацијата на ликот и делото на Ацо Шопов, вели Трајков.

Посочува дека далеку подобро би било кога манифестацијата би се одржувала во живо. Во видеото кое трае 20 минути стихови од Ацо Шопов читаат актерите на Народниот театар-Штип Ангелка Нашкова, Милорад Ангелов и Марија Минчева. Вклучени се и музичари кои изведуваат песни со стихови од Ацо Шопов од проектот „Младите пеат за Шопов“ од 2004 во копродукција со ОУК „Дом на млади“ Штип, а учествуваат Кире Денов – вокал и бас, Горан Кавраков – саксофон, Филип Стевановски – клавијатура, Филип Крстевски – тапани, Александар Бошков – гитара. Сценариото е на Трајче Кацаров – уметнички раководител , графика и дизајн Ристе Мицевски, режисер и монатажа на Никола Ристов, камер е Игор Митев. Музика на Горан Трајков, Кире Денов и Ангел Шијаков.

Трајков вели дека на 20 Април 1982 година замолкна гласот на Ацо Шопов, еден од најзначајните имиња во повоената македонска литература и култура воопшто.

– Тој се пресели, како што ќе речат неговите соборци по перо од онаа страна на зборот, но од тој момент, неговата песна како да доби уште понагласено значење, како да стана уште посилна, помоќна, што можеби е и природно кога таа остана без свој создател, кој ѝ беше и вруток и утока, рече Трајков.

По повод 39 години од смртта на големиот поет, револуционер и општественик Ацо Шопов денеска свежо цвеќе положија на бистата градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов, делегации на Советот на Општина Штип, државни институции, политички партии и Општинската Организација на Сојузот на борците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот