Во септември уште 2.239 вработени станале невработени

Работници во текстилна фабрика / Фото: СП. архива

Од 11 март кога почна пандемијата, па до 30 септември, одјавени од работа се 14.819 луѓе, објави Агенцијата за вработување. Претходно, заклучно со 31 август, имаше одјавени 12.580 работници, што значи дека во септември без работа останале уште 2.239 луѓе.

Овие бројки се за оние што биле вработени и за кои се плаќало здравственото и пензиско осигурување, а сега веќе не се на списокот на  вработените. Но, податоците на Агенцијата за вработување се подраматични ако се земе зголемениот број на евидентирани невработени.

Тука, покрај овие луѓе што останале без работа и кои сега се пријавуваат како невработени, има и пријава на други невработени, кои досега не се пријавувале затоа што работеле нешто хонорарно или во сферата на сивата економија, а сега останале и без тоа, како и оние невработени што досега не сакале да се пријават во Агенцијата, а сега се пријавуваат за да искористат некоја економска мерка.

Како што е познато, платежните картички за невработените се реализираат преку податоците од Агенцијата за вработување.

Така, заклучно со март, според евиденцијата на Агенцијата за вработување, во земјава имало 193.449 невработени (активни и пасивни баратели на работа), а заклучно со септември 233.847, или во овој период од шест месеци бројот на невработени се зголемил за 40.398 луѓе.

Според Анкетата на работна сила, за вториот квартал од годинава невработеноста е 16,7 проценти, а во првиот квартал таа била 16,2 проценти. Но, ако невработеноста се спореди со ланскиот втор квартал, сегашната невработеност е помала отколку лани во вториот квартал кога изнесувала 17,5 проценти.

Како што е познато, многу луѓе од Македонија изминативе години одеа на сезонска работа во странство, а годинава поради пандемијата останаа дома да работат на домашните ниви или нешто во „сивата зона“, па оваа пролет невработеноста се покажа помала според Анкетата на работна сила. Оваа анкета, пак, се прави со анкетирање на населението на репрезентативен примерок, од кој може да се извлечат податоци за целата популација. Но, притоа не се зема во предвид дали некој е трајно вработен и осигурен, туку како вработен се смета секој оној што работи хонорарно, па и сезонски, односно ако работи само 1 час во извештајната недела, па дури и ако работи на семејниот имот, односно без паричен надоместок.

Работодавачи: Висат работни места, донесете го ребалансот

Во преработувачката индустрија висат 15.000 работни места доколку навреме не се донесе ребалансот на Буџетот, алармираат од Организација на работодавачи.

Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи, за МИА вели дека очекуваат пратениците во Собранието што е побрзо да го изгласаат ребалансот, бидејќи во него се предвидени средства за субвенции на платите на работниците за октомври, ноември и декември.

– Карен рок за нас е крајот на октомври или најдоцна до 10 ноември, кога веќе се прави октомвриската плата. Затоа партиите да ја остават политиката настрана и да почнат да размислуваат за стопанството, кое со душа ја чека помошта од државата – изјави Димитров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот