Во секоја фирма ќе мора да има ковид-координатор

Работникот што ќе биде избран за спроведувањето на протоколите за спречување на ширење на коронавирусот, нема да работи ништо друго.

Во секоја компанија, приватна или државна, и во секоја институција ќе мора да има таканаречен ковид-координатор кој нема да работи ништо друго освен што ќе се грижи за спроведување на протоколите за справување со коронавирусот.

Ова вчера го соопшти вицепремиерот Бујар Османи, во улога на координатор на кризните штабови на единиците на локална самоуправа, додека беше во посета на Штип.

– Улогата на овие ковид-координатори нема да биде само да мерат температура, туку ќе биде многу покомплексна. Тие ќе мора да ги разбиваат групирањата на работниците, да разговараат со нив и да ги советуваат– рече Османи.

Градоначалникот на Општина Штип Благој Бочварски рече дека е подобро фирмите да назначат еден работник само за контрола, отколку поради опасност од ширење на вирусот, цела компанија да се затвори.

– Секој град си има своја специфика во однос на опасноста од ширењето на заразата. Штип е град на текстилните компании и таму се вработени 7.000 текстилци. Ќе разговараме со текстилниот кластер и ќе им пренесеме дека во фирмите мора да има ковид – координатори – рече Бочварски.

Од Владата пак, информираа дека е усвоен Протоколот за превентивни мерки за сите работни места за спречување на пренесувањето на Ковид -19 што важат за сите работни места и за сите луѓе на работното место, како што се работодавците, раководителите, работниците, договарачите, клиентите и посетителите.

„Протоколот вклучува мерки кои се однесуваат на личната хигиена и заштитна опрема, препораки за респираторната хигиена и физичкото дистанцирање во работните простории, како и редуцирање на патувања поврзани со работата, како и посебна организација кога е неопходно да се спроведат. Протоколот опфаќа и препораки и мерки за редовно чистење и дезинфекција на работната средина, постојана комуникација, обука и едукација за ризици, како и постапки кога е потребно менаџирање на вработените кај кои се појавуваат симптоми што одговараат на Ковид -19“, пишува во соопштението од Владата.

Работничките автобуси може да бидат полни со половина капацитет

Владата ја дополни Уредбата со законска сила примена на Законот за превоз во патниот сообраќај за време на вонредна состојба со која е предвидено Во јавниот превоз, вклучително и во превозот што го вршат фирмите за сопствени потреби, бројот на патниците мора да изнесува најмногу до 50 проценти од капацитетот на возилата. Притоа, возилата мора да бидат опремени со маски, ракавици и да се дезинфицираат.

Ова е предвидено во новото дополнување на Уредбата со законска сила примена на Законот за превоз во патниот сообраќај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот