Во САД привремени мерки за финансиска помош на Американци погодени од пандемијата
Американскиот претседател Џо Бајден планира денеска да објави укази за привремени мерки за давање финансиска помош на милиони Американци, кога Конгресот почнува да разговара за неговиот план за значително поголем пакет помош од 1,9 трилиони долари за олеснување на ефектите од последиците на корона-кризата.
Двете уредби што Бајден ќе ги потпише ќе ја зголемат помошта за храна, ќе ги заштитат барателите на работа и ќе им го отворат патот на федералните вработени и подизведувачи да добиваат минимална плата од 15 долари на час.
– Уредбите и мерките предвидени во нив нема да ги заменат дополнителните стимулации кои, според Бајден, се потребни над веќе одобрената помош од 4 трилиони долари, вклучително и 900 милијарди долари во декември, рече Брајан Дис, директор на Националниот економски совет на Белата куќа.
Повеќето економисти се уверени дека американската економија ќе може да се опорави откако граѓаните ќе се вакцинираат против коронавирусот. Сепак, ситуацијата е се уште мрачна, а ширењето на патогенот принуди да се затворат деловни субјекти и училиштата. Скоро 10 милиони работни места во САД се изгубени од февруари минатата година, а околу 30 милиони домаќинства се несигурни во врска со нивниот пристап до храна.
Извор: МИА