Во руски ракетен напад погоден брод на украинско пристаниште што превезувал жито
Во руски ракетен напад вчера беше погодено украинското пристаниште Јужне, при што е оштетен цивилен брод кој пловел под знамето на Сент Китс и Невис, натоварен со пченка, соопшти денеска украинското Министерство за комунален развој и територијална организација.
Министерството преку Фејсбук соопшти дека 15-те членови на екипажот не се повредени.
„За среќа, никој од 15-те членови на екипажот, кои се граѓани на Египет и Сирија, не е повреден. Бродот беше натоварен со околу 6000 тони украинска пченка. Ова е исклучиво цивилен товар“, стои во соопштението.
Министерството соопшти дека ова е 20-ти цивилен брод погоден во руски напади.
„Ова не е ништо друго освен обид на Русија да го попречи успешното функционирање на украинскиот морски коридор за храна и да ја загрози глобалната безбедност на снабдување со храна“, рече потпретседателот на владата, Олексиј Кулеба.
На почетокот на септември, брод што пловел под знамето на Сент Китс и Невис беше погоден од руска ракета во Црното Море. Подоцна во текот на месецот, друг брод под знамето на Антигва беше погоден при руски ракетен напад врз украинското пристаниште Одеса.