Во реформите е клучот, а не во „масирање“ на јавната перцепција

Сашо Орданоски
Сашо Орданоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Ох, власта е сѐ, само не е безгрешна, а работата на опозицијата е да ја „лови“ власта во сите нејзини пропусти. Но, за тоа да биде веродостојно и од интерес на пошироката јавност, а не само поради желбата што поскоро да се сруши власта од власт, упатно е објавените „афери“, „скандали“ и „криминали“ барем понекогаш да бидат проследени и со уверливи докази, а не со рекла-кажала импровизации што ќе ги полнат пропагандните портали и профилите по социјалните мрежи.

Еве како изгледа тоа со пропагандно затрупување на јавноста кога се инсистира само на ширење негативна енергија, непроверени вести и произволни конструкции, кои треба да докажат дека во државава не се случува ништо друго, освен „криминалите на власта“. И тоа само во еден викенд, минатиот…

Прво беше спектакуларната саботна најава дека извесен регионален пробисвет Радоје Звицер, за кого српските власти наводно добиле дојава од Европол дека подготвувал атентат врз тамошниот претседател Вучиќ (нормално, вмровските полицајско-безбедносни извори се секогаш импресионирани од заканите врз Вучиќ), имал македонски пасош нелегално издаден пред година-две, во онаа афера „Двојник“ (што ја откри опозицијата) кога паднаа повеќе службеници на МВР кои, за убави пари, штанцале фалц-оригинали на македонски пасоши… Неколку часови потоа, МВР демантираше дека овој едикојси бил „среќен добитник“ на таков пасош. Аферата се издиша уште пред да се надуе, иако дуењето може и да продолжи неделава.

Паралелно течеше јавното „черечење“ на поранешниот градоначалник на Гази Баба Борис Георгиевски кој, според портпаролот на опозицијата Димче Арсовски, додека бил на власт, склучил наводно коруптивен договор за одржување на уличното осветлување во општината. По демантите на Георгиевски дека не станува збор за никаков криминал, се покажа дека и сегашниот вмровски градоначалник го продолжил истиот проект, со нова општинска буџетска ставка, а слични проекти се изведуваат и во повеќе други општини во државата, па и во Градот Скопје. Следува кривична пријава за клевета од Георгиевски за Арсовски.

На ред дојде и Демократскиот сојуз на Павле Трајанов (кои одбија да го напуштат тековното владино мнозинство), чиј директор на Јавни паркинзи во градот Скопје наводно издал стотици бесплатни месечни карти за паркирање на функционери од власта. Демократскиот сојуз не само што ги демантираше овие тврдења, обвинувајќи дека се „монструозна конструкција“ потпрена врз ексел-табели што ги произвеле самите паркинг-активисти на ВМРО-ДПМНЕ, туку најави и тужби за клевета, истовремено потсетувајќи на времето кога токму сегашната опозиција делела годишни карти на своите функционери за по 500 денари, сума што била покачена на 10.000 денари по нивното своевремено губење на власта во Градот.

И така натаму. Секој ден нова наводна криминална афера на власта, спакувана во прашања, сомневања, дилеми… Без докази, но со повици „надлежните институции во државата“ итно да се зафатат со нивно расчистување. Во Јавното обвинителство би требало да се воспостави постојано дневно дежурство на барем еден обвинител што би постапувал само по прес-конференциите на опозицијата.

Ох, власта е сѐ, само не е безгрешна, а работата на опозицијата е да ја „лови“ власта во сите нејзини пропусти. Но, за тоа да биде веродостојно и од интерес на пошироката јавност, а не само поради желбата што поскоро да се сруши власта од власт, упатно е објавените „афери“, „скандали“ и „криминали“ барем понекогаш да бидат проследени и со уверливи докази, а не со рекла-кажала импровизации што ќе ги полнат пропагандните портали и профилите по социјалните мрежи.

(Мала забавна дигресија во истиот пропаганден контекст: бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта во Скопје, вчерашните наслови по нивните портали за зимските состојби во скопската Зоолошка градина беа „Преку ден играње во снегот, навечер на топличко“, „Снежна идила во скопската Зоолошка градина“, „Како жителите на ЗОО Скопје уживаат на снегот“… Срцки! Да беше СДСМ надлежна и минатиот викенд за скопската Зоолошка, насловите бездруго ќе беа за „Суровите услови во ЗОО Скопје“, „Животните смрзнуваат, додека функционерите се топлат“, „Снегот предизвика хаос во Зоолошката градина“ и сл.)

Всушност, не е дека ВМРО-ДПМНЕ не си ја исполнува целта: нивната намера е во Македонија, по секоја цена, да се одржува перцепцијата дека сѐ е корумпирано и криминално и дека владее „општ хаос во државата“. Нормално, таквата перцепција не ја произведува само опозицијата, но нејзината добро организирана партиска и пропагандна машинерија редовно ја подмачкува и ја храни до ниво на постигнување толку „прекумерна тежина“, што за намалувањето на корупциската „обесност“ во земјава не помагаат редовни антикорупциски реформски „диети“, туку само радикални мерки: промена на власта! И тоа со истата постава поради која и почнавме корупциски да се „дембелееме“.

Одговорот по кој би можел да посегне и оваа власт е оној според рецептот на Груевски, да почне „телевизиска“ борба против, наводно, корумпираните и криминализирани структури и поединци, со спектакуларни полициско-обвинителски прес-конференции, со „протечени“ службени ексклузивитети од сомневањата по порталите и телевизиски преноси во живо од апсењата и приведувањата со лисици на рацете на осомничените. Тоа, сигурно, ќе има ефект врз перцепцијата на јавноста, која обожава такви циркусијади. Но, знаеме како сета таа тривијализација на борбата против корупцијата заврши своевремено, кога стотици (и) невини беа спроведени, притворани и јавно посрамотени, пред судењата и да им почнат, за тогашните пропагандни антикорупциски потреби на режимот, додека вистинските милионски грабежи се случуваа со индустриска ефикасност зад телевизиските камери.

Решението со криминалот и корупцијата во земјава, сепак, мора да е во продолжувањето на реформите на државната администрација и судството, без компромиси и одлагања, за што е најодговорна власта. Само таа „перцепција“ е суштински важна. Другото е политикантска пропагандна забава за народ во корист на општата штета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот