Во рамката за ЕУ да има само реформи, а не историја

Македонските власти остануваат посветени на почеток на пристапниот процес со ЕУ, порачувајќи дека преговарачката рамка мора исклучиво да се фокусира на напредокот во реформите во земјата, а не на историјата, додека од Унијата стигна порака дека преговорите ќе почнат тогаш кога ќе биде постигнат договор со Бугарија, но во меѓувреме не треба да се чека и земјава треба да работи на спроведување на реформските процеси.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во обраќање на конференцијата „Улогата на медиумите и граѓанските организации во процесот на интеграции”, истакна дека земјава останува посветена на пристапниот процес и ќе биде упорна во барањето на достоинствено и европско решение на предизвикот со кој се соочивме.

– Клучна е политичката волја, и мислам дека треба да се обидеме како општество, како нација, не само државата, пред се Владата, медиумите и граѓанското општество да направиме напредок во европеизацијата без разлика што во моментов не сме во пристапниот процес – изјави Димитров.

Тој посочи дека е исклучително важно преговарачката рамка да се фокусира на напредокот во реформите, а не во неа историјата да добие централно место.

– Преговарачката рамка е прашање за кое се уште поради соседна Бугарија нема консезус меѓу земјите членки. За пристапниот процес да европеизира исклучително важно е преговарачката рамка да се фокусира на напредокот во реформите. Ако историјата добие централно место во преговарачката рамка, тогаш прашање е дали и во која мера еден таков процес ќе европеизира или пак ќе балканизира – истакна Димитров.

Тој порача дека земјите членки ЕУ треба да помогнат овој пристапен процес навистина да биде заснован на мерит и да значи носење на европските принципи и стандарди во Македонија, бидејќи самиот процес на пристапување во смисла на реформска активност е поважен од крајната цел.

Нашиот напредок од идната преговарачка рамка мора да зависи од тоа колку успешно ги носиме дома европските директиви и ги имплементираме, колку успешно се бориме против корупцијата, колку ни се слободни медиумите, а не од тоа, на пример, ја спомнав историјата, колку и како испорачува комисијата за историско-образовни прашања меѓу нас и другата страна, во случајот Бугарија. Оти ако од тоа зависи напредокот, тогаш е прашање дали и што сме направиле од пристапниот процес во смисла на реформска алатка. Јас мислам дека време е да покажеме дека можеме, впрочем ако ги земете предвид политичките критериуми, ние сме дури и нешто напред во однос на вкупната подготвеност и прогрес, дури и во однос на земјите кои со години во пристапниот процес – рече Димитров.

Во обраќањето на истата конференција евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека преговорите за членство на земјава ќе почнат тогаш кога ќе има договор со Бугарија, меѓутоа нема причина во меѓувреме да се чека и да не се спроведуваат реформите, бидејќи тоа само ќе го забрза патот понатаму, што е во интерес на сите граѓани.

– Колку повеќе напредуваме во реформите, толку поблиску ќе биде државата кон Европската Унија – потенцира евроамбасадорот.

Тој нагласи дека патот по кој сега се движи земјава е двонасочен – првиот е билатерално да продолжи ангажираноста со Бугарија, и вториот – да се продолжи со напредокот во реформите.

– Треба да бидеме подготвени за сеопфатен процес и ангажираност во негови рамки. Се работи за комплексен процес што бара развој и мобилизација на значителна експертиза за тие цели и потребна е ангажираност на целокупното општество. Не можете само да се сетите – ајде сега Владата да испорача, тоа не е можно, секако дека Владата е потребна во тој процес, но потребни се и локалните власти, разните државни институции, медиумите, бизнисот, граѓанското општество, сите тие заедно да го одиграат својот удел во овој проект од национален процес – рече Гир.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во синоќешното гостување во емисијата „Само интервју” на Канал 5 телевизија изјави дека македонската страна во преговорите со Бугарија не смее никако и под ниедни услови да прифати дека Гоце Делчев бил Бугарин, бидејќи такво нешто ќе ја срози македонската државност и ќе покаже огромна слабост пред светот.

– Треба сите да сме свесни дека врз името на Гоце Делчев, Груев, Питу Гули и останатите, ние всушност изградивме држава. Името и земјата се темелат врз тие постулати. Македонската страна мора да ги запази тие моменти и не е важно дали ќе имаат притисоци од внатре во државата или пак од некој друг, тоа не смеат да го дозволат – изјави Мицкоски.

Говорејќи за преговарачкиот процес на земјава со ЕУ, Мицкоски рече дека Владата уште од 2018 година тврди дека „на секои три месеци добиваме датум за почеток на преговорите, а датумот се уште го нема”.

– На патот кон ЕУ, Република Македонија и Владата мора да направат уште многу нешта и да почнат да размислуваат чесно и европски – изјави Мицкоски.

Во меѓу време, се огласи и бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која оцени дека „враќањето на српскиот јазик во училиштата во Република Северна Македонија ги негира тврдењата дека се раскинати врските со Србија и Русија”.

– Македонизмот сам по себе е геополитичка идеја создадена од Белград и Москва. За жал, не сум изненадена од ваквата одлука на македонските власти. Враќањето на српскиот јазик значи дека сите партии во Република Северна Македонија, без оглед на нивните политички разлики, се едногласни за ова прашање, како и за темата за односите со Бугарија – изјави Захариева за БТВ, оценувајќи дека ваквите постапки се доказ за приближувањето на земјава кон Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот