Во Прилеп од врата на врата се делеа маски за граѓаните, а Тетово сè уште чека на донации

Од денеска граѓаните на Прилеп, Куманово и Тетово мораат да носат маски при излегување од дома. Овие градови, се оценуваат како градови со висок ризик за ширење на коронавирусот. Оттука, носењето маски е задолжително за сите граѓани.

Општина Прилеп денеска подели 15.000 заштитни маски за граѓаните.

– Маските се распределени до урбаните заедници, претседателите потоа имаат задача да им ги делат на граѓаните. Денеска се поделени 15.000 заштитни маски од врата на врата, а оваа акација ќе продолжи и наредните денови, се додека барем еден или двајца од семејство не добијат маска, велат за „Слободен печат“ од Општина Прилеп.

Оттаму дополнуваат дека вкупно изработени се 72.000 заштитни маски,  донација од фирми, а интересот за производство сè уште е голем и најверојатно бројот на изработени маски ќе достигне 100.000.

Граѓаните ги почитуваат мерките, скоро сите денеска што беа излезени на пазар, а во Прилеп беше пазарен ден, носеа маски. На тие што не носеа, волонтери им делеа маски.

За разлика од Прилеп, во Тетово, се чека на донација од маски. Населението засега се снаоѓа само.

– Направивме барање да се допрецизира мерката за задолжително носење маски, нашето барање беше прифатено од комисијата за инфективни болести и со тоа маски ќе се носат само во затворени објекти, како банки, маркети и продавници. За Тетово како за општина со висок ризик беше одлучено да добие донација во заштитна опрема. Ние сега чекаме да видиме за каква донација станува збор и колкава количина. Потоа ќе одлучиме на кој начин ќе ги дистрибуираме маските. Најверојатно ќе поставиме пунктови пред банките и поголемите маркети, велат од општина Тетово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот