Во понеделник почнува Рамазан, месецот на постот

Светиот месец Рамазан за верниците од муслиманската вероисповед започнува во понеделник каде што според заповедите на светата книга на исламот, Куранот, верниците се обврзани да постат во текот на денот.

Месец Рамазан е деветти месец од лунарниот календар по којшто муслиманите го сметаат времето почнувајќи од големото преселување „Хиџретот“ на пророкот Мухамед од градот Мека во градот Медина во 622 година н.е., заедно со првите верници на исламската вера.

Обврската за постот за муслиманските верници дошла 2 години после Хиџретот, односно во 624 година н.е. каде што во Куранот Алах заповедал дека постот е должност за сите верници на исламот.

„Верници, постот е ваша должност, како што беше должност и за верниците пред вас. Благодарение на тоа ќе се заштитувате себеси од лошото“, пишува во Куранот.

Според исламските прописи, постот започнува од изгрејсонце, кога муслиманите престануваат со јадење и пиење, како и внесување на било какви субстанци во телото вклучувајќи и медицински терапии, и трае до првиот момент на целосното зајдување на сонцето.

Постот не претставува само просто гладување. Постот за муслиманите претставува духовно и етичко воспитување, коренито воспитување за воздржување од желбите, страстите и поривите, прочистување од лоши навики, како и оддалечување од зли мисли и однесувања.

Најважно од се, со абстинирање од храна и вода, постот претставува и потсетување на сиромашните низ целиот свет кои немаат извор на храна и вода и да се поттикнат хуманитарни иницијативи за нивно помагање.

Постот трае 30 дена и обврска е за секој муслиман. Болните, тие што патуваат, бремените жени не се обврзани да постат за време на Рамазан, туку можат да се откупат од должноста преку нахранување на сиромашните или надокнадување на постот после месецот Рамазан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот