Во полза на пензионерите

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Во пандемиски услови кога пензионерите чекаат некој да им помогне, СЗПМ, кој раководи со Одборот, не најде друго поадекватно и реално решение за помош на семејствата на починатите пензионери, туку чепна во џебовите на своите членови и создаде немир и недоверба во организацијата.

На почетокот на годината, во пикот на пандемијата, поради зголемената смртност кај пензионерите, Одборот на регистрираната организација за солидарен фонд и членарина, во име на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија и трите инвалидски сојузи, донесе „хумана“ одлука за зголемување на задршката од пензиите за исплата на посмртна помош на семејствата на починатите пензионери. Од формално-правен аспект оваа постапка не е спротивна на законитоста, меѓутоа не е во согласност со Законот за ПИО (член 115), според кој на корисник на пензија со негова согласност му се запира дел од пензијата за обезбедување средства потребни за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство. Врз основа на одлуката од Одборот на регистрираната организација е одредена висината на задршката за солидарен фонд, која изнесува 120 денари, како и висината за исплата на посмртна помош во износ од 30.000 денари.

Задршката на средствата за солидарен фонд со закон е поврзана со издвојувањето средства за финансирање на здруженијата за нивната активност и таа изнесува 30 денари по член. Значи вкупната месечна задршка од секој пензионер за оваа намена до почетокот на годината изнесуваше 150 денари.

Ова е објаснувањето за издвојување средства за посмртна помош и членарина со поединечна согласност на секој пензионер и така тоа ќе си останеше без каква било забелешка доколку Одборот на регистрираната организација во текот на првото полугодие не донесеше двојна одлука (во февруари и мај) за зголемување на задршката по 10 денари со важност и примена до крајот на годината. Значи, вкупната задршка од пензијата од 150 се зголеми на 170 денари.

Оваа непромислена одлука предизвика револт и гнев кај пензионерите и како несоодветна на условите и околностите стана контрапродуктивна. Во пандемиски услови кога пензионерите чекаат некој да им помогне, СЗПМ, кој раководи со Одборот, не најде друго поадекватно и реално решение за помош на семејствата на починатите пензионери, туку чепна во џебовите на своите членови и создаде немир и недоверба во организацијата. Навистина никој не може ова да го разбере и да го оправда, бидејќи не е поврзано со логичното промислување и барање безболно решение, на пример, во временото намалување на членарината и делумно откажување од привилегиите и лагодностите што ги уживаат раководствата на здруженијата кога поради пандемијата активностите беа преполовени, дури и целосно откажувани. Според тоа, средствата од членарината беа делумно трошени, а можеа да се употребат за дополнување и стабилизирање на фондот за посмртна помош. Некои промотори на споменатите одлуки се правдаат дека немало законска основа за намалување на членарината, а имало за зголемување на посмртната помош?! Навистина чудно размислување што не држи вода, но затоа пак ги држи и брани интересите на избраните и ангажираните лица.

Во контекст на редуцираните активности од неодамна актуелно е сознанието за правото на учество во нив само на привилегирани групи и поединци, што е посебно карактеристично за спроведувањето на ревиите на песни, музика и игри. Еклатантен пример за тоа е и поетската манифестација по повод одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на основоположникот на македонскиот јазик Блаже Конески, во која ќе земат учество претставници од осум града, без учесници од Скопско-вардарскиот регион, со исклучок на некои персони со „аусвајс“ од претседателката на Сојузот, како што стои во потајното објаснување, ако се во добри односи со лидерката?! Навистина чудно и смешно објаснување?!

И од ова може да се заклучи дека во СЗПМ канчињата навистина се измешани и ништо не оди како што треба да оди?! Од друга страна, пак, ако ги слушате протагонистите на „доброто“ работење, ќе бидете импресионирани од нивното кажување. Ова сознание може да се добие и од насловната страница од последниот број на „Пензионер плус“ каде што се зборува со воодушевување за успесите на Сојузот и на премиерот, на министерката за труд и социјална политика и на други претставници и советници од Фондот ПИОМ им се прикажува „целосната“ посветеност и грижа за пензионерите?! Но, каква е таа грижа ако на средбата со високите претставници ниту збор не беше кажан за зголемувањето на задршката за посмртна помош и се така помина во подлизување, додворување и истакнување на сопствената инфериорност и послушност?!

Затоа, ова и други слични укажувања треба да се сфатат добронамерно и во иднина да се донесуваат промислени, реални и законски одлуки кои ќе бидат во полза на пензионерите, а не на раководителите. Има ли некој таму да ги согледа овие работи и да стави крај на ваквите дејанија?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот