ВО ЊУЈОРК: Квалитетна изложба може да се „продаде“ само со пакет

Македонскиот ликовен уметник Страхил Петровски новата 2020 година ја дочека во Њујорк, подготвувајќи ја самостојната изложба „Action/Reaction/Wor(l)d“, која беше поставена во галеријата (Gallery MC) на Македонскиот културен центар, а оттаму се врати со значајни практични искуства.

Мултидисциплинарниот проект „Action/Reaction/Wor(l)d“ на Страхил Петровски иницира дијалог што се однесува на есенцијата на личната егзистенција, притоа позиционирајќи го авторот како ангажиран критичар на реалноста на современото општество. Низ комплексни слоеви од универзални значења, претставен е личниот став за влијанието на колективната, и особено лична, одговорност, изгубена во лавиринтите на обременетата, динамична и конфузна технолошка денешнина на информациски хаос. Авторот Петровски имаше можност лично да се увери во конзистентноста на сопствените уметнички дела во еден од светските културни центри – Њујорк, каде што со посетителите на изложбата размени искуства за ставовите содржани во своите дела.

Што за еден македонски уметник значи претставување во Њујорк?

– Можам да кажам дека е одлично искуство, особено што Њујорк е еден од најголемите центри на уметноста, каде што навистина има што да се види и научи, да се акумулираат нови идеи. За мене како автор, секако, е позитивно искуство во секоја смисла. Мислам дека треба да се понуди квалитетна изложба со пакет. Кога велам пакет, мислам од идеја до нејзина реализација, затоа што конкуренцијата е огромна, пазарот е огромен, а за да се „продадеш“, условно кажано, би требало да имате некој галерист, куратор, агент или, конечно, некоја галерија што би те промовирала континуирано на уметничката сцена. Како единка сметам дека тоа би одело потешко… (а, за жал, кај нас, сѐ уште, ни недостига тој т.н. маркетинг-менаџмент во културата), барем од она што го видов и почувствував за овие неколку денови! Сметам дека самиот престој овде е прекраток за да можеме да говориме за некакви колаборации со галерии, музеи итн.

Во Њујорк се претстави со мултидисциплинарниот проект „Action/Reaction/Wor(l)d“. Каков беше концептот на изложбата и каква акција, реакција или зборови за возврат доби од публиката?

– Проектот е замислен во насока на постигнување синергија на експериментите во различни медиуми, дискурси, наративи и контексти, кои функционираат како одделни дела со сопствена интимна „приказна“, но и заедно во вид на циклус што нуди сублимирана слика за личниот однос кон постојното дехуманизирано општество, каде што јасно ги изразувам своите ставови, потреби, стравови. Во случајов „разговорот“ со себеси, со Другиот, Другите помеѓу себе, е аплициран како стриповска (супкултурна) форма, а содржините (зборовите – најчесто ангажирани и критички – angry, lost, idiot, scared, mad…), кои се испечатени на ready-made светлечки објекти (speech bubbles), купени од продавница, а со(на) кои се „дискутира“, се однесуваат на лични и идентитетски прашања поврзани со различна родова припадност. Од друга страна, пак, овој критички ангажиран однос го пренесувам и врз платната (знамиња) со различни наслоени лични и универзални содржини и пораки испишани/насликани како графити, пароли, текстуални инскрипции, калиграфски знаци, букви…, црно-белите фотографии и видеата како концептуално заокружување на ваквата интроспекција/рефлексија. Куратор на изложбата беше Маја Чанкуловска-Михајловска, која е и автор на текстот во каталогот.

Уметникот Страхил Петровски и кураторката Маја Чанкуловска-Михајловска во Њујорк

Реакциите на посетителите, кои беа присутни на отворањето на изложбата, беа главно позитивни во таа насока што самата изложба/проектот и делата конечно, кореспондираа со последните актуелни случувања на глобално ниво.

Покрај поставувањето на самостојната изложба во МЦ Галерија, имаше можност да ги посетиш и некои од позначајните музеи во градот. Што, на прв поглед, е тренд во Њујорк во овој период?

– Посетив повеќе изложби и значајни музеи и галерии во Њујорк, какви што се „Соломон Гугенхајм“, МоМА, музејот „Витни“, Бруклинскиот музеј, новата МоМА, галериите „Гагосијан“ итн. Не би можел да кажам дека има некој посебен тренд во однос на изложбите. Беа со различни концепти и дискурси, но ако би требало да издвојам некоја, тоа, секако, би биле перманентните поставки од колекциите на музеите (американските автори, поп-арт сцената), изложбите на „маргинализираните групи/автори“ и особено ретроспективната изложба на германскиот уметник Ханс Хаке во „Њу Музеум“, во однос на идејата, концептот, начинот на поставка, презентацијата.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ бр. 13, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 11/12 јануари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот