Во Њујорк се отвори првата легална продавница за рекреативна употреба на марихуана

Марихуана/ Фото архива

Првата легална продавница за рекреативна употреба на марихуана во Њујорк беше отворена вчера во срцето на Менхетен, во Ист Вилиџ. Повеќе од сто луѓе се собраа во продавницата што ја води непрофитното здружение „Хаусинг Воркс“, посветено на борбата против бездомниците и сидата.

„Првата легална продажба на канабис на возрасни е историски момент за индустријата за канабис во Њујорк“, рече Кети Хочул, гувернер на четвртата најнаселена држава во Америка. Таа рече дека очекува Њујорк да послужи како национален модел за безбедна и инклузивна индустрија за канабис.

„Хаусинг Воркс“ беше една од 36-те организации или поединци кои добија дозвола за продажба на марихуана во ноември. Целта е да се издаде дозвола за тргување на 150 лица кои се осудени за поседување или продажба на канабис.

Приходите од данокот од продажба на марихуана ќе се инвестираат во јавни училишта и установи за ментално здравје и лекување од зависности, како и во станбени проекти. Хочул во соопштението изјави дека забраната на марихуаната имала особено негативен и непропорционален ефект врз Афроамериканците и латино заедницата.

Градот очекува продажбата на канабис да достигне 1,3 милијарди долари во 2023 година и да се отворат меѓу 19.000 и 24.000 нови работни места во следните три години. Њујорк ја легализираше марихуаната во март минатата година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот