Во малку земји немаме амбасади, во многу нема амбасадори

Во наредните неколку недели ќе се дефинира списокот кои амбасади на земјава во странство ќе бидат затворени. Ова го изјави претседателот Стево Пендаровски и посочи дека во моментов имаме вкупно 27 празни дипломатски позиции низ светот.

Според анализата изготвена од Министерството за надворешни работи (МНР), пак, постои предлог наскоро да бидат затворени најмалку четири амбасади, а како што потврди и претседателот, затворање на амбасадите ќе се случи во држави што немаат резидентен амбасадор во Скопје и со кои нашата земја нема значајна трговска или економска соработка. Една од тие амбасади со сигурност ќе биде онаа во Бразил, додека, пак, за другите три сè уште нема информација.

Ваквата одлука на Пендаровски наиде на негодување кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но не и кај поранешните дипломати и амбасадори, кои сметаат дека ваквиот чекор се прави во вистинско време.

Четири, а можеби и пет

Претседателот Стево Пендаровски рече дека во завршна фаза се разговорите со релевантните министри и со Владата, па во наредните недели се очекува да биде заокружен списокот и ќе биде затворен најголем дел од испразнетите амбасадорски места низ светот.

– Постои една анализа што ја нарачав од МНР веднаш штом станав претседател. Побарав ми биде доставена функционална анализа за тоа како работи нашата дипломатско-конзуларна мрежа. Таму има предлог за затворање на четири амбасади, а петтата е под знак прашалник. Четирите амбасади ќе се затворат со сигурност, бидејќи не гледам причина зошто би останале со дипломатско присуство – рече Пендаровски.

Тој најави дека некои од нашите амбасадори веќе се на пат за дома, а конкретно го посочи амбасадорот Ивица Боцевски, кој веќе е повлечен од Бразилија, главниот град на Бразил.

– Ние немаме амбасадор во НАТО, а за неколку месеци влегуваме во Алијансата. Немаме амбасадор во Вашингтон, кај најголемиот стратешки партнер на државата од независноста па сè до денес. Немаме во Москва и да не набројувам понатаму. Она што е погубно за мали држави, е што имаме пет соседи, а во четири од нив немаме амбасадор. Само во еден од нашите пет соседи имаме, што е недозволиво. Само во Софија имаме амбасадор, што во најскоро време ќе биде поправено – истакна Пендаровски.

Ваквата негова одлука наиде на негодување кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ, па пратеникот Антонијо Милошоски веднаш реагираше и посочи дека затворањето на амбасадите претставува дипломатска антиреформа, а затворањето на амбасадата во Бразил е потег на штета на интересите на Македонија.

– Објаснувањето на Пендаровски беше дека тоа се прави затоа што тие земји немаат свои амбасади во Македонија или, пак, со нив немаме обемна трговска размена. Ова е многу површно објаснување за еден ваков антиреформски потег за македонската дипломатска мрежа, а исходот ќе биде само уназадување на капацитетот за промовирање на економско-политичките интереси на Македонија на меѓународен план – рече Милошоски.

Според него, да се затвори амбасадата во Бразилија е дипломатска кусогледост, која поради нетрпеливоста кон одредени кадровски решенија, не може да го види потенцијалот на 210 милионскиот Бразил, ниту значењето на нашето единствено дипломатско претставништво на континентот Јужна Америка, кој има 13 држави и пазар од 450 милиони жители.

– Да објасните дека Македонија ќе ја затвори својата амбасада во Бразилија само затоа што Бразил нема своја амбасада во Скопје, е исто како да кажете дека ги затвораме нашите амбасади во Отава, Каиро, Тел Авив, Брисел, Канбера, Ватикан, Осло и Копенхаген, само затоа што Канада, Египет, Израел, Белгија, Австралија, Светата Столица, Норвешка и Данска немаат резидентни амбасади во Македонија. Сите земји во светот кои немале или сè уште немаат амбасади во Бразилија, прават напори да отворат, а Пендаровски брза да ја затвори. Многу површно и несериозно за долгорочното проектирање на дипломатските капацитети на Македонија – реагира Милошоски.

Разумност и рационалност

Поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин, објаснува дека една мала држава каква што е нашата, нерационално е да испраќа насекаде амбасадори.

– Во времето на поранешниот режим тоа беше направено чисто од политички мотиви, но тоа време веќе помина и повеќе не треба да има делење амбасадорски места како награди. Македонија е во фаза на редефинирање на својата надворешнополитичка стратегија, па разбирливо е дека во тој контекст се размислува за одредени компаративни предности и слабости во мрежата на декапеата и амбасадите. Разумна е процената на претседателот Пендаровски дека одржувањето на амбасадите во некои држави е неисплатливо. Многу поважно за нас е да поставиме амбасадор во НАТО, како и во некои други поголеми и поважни држави – објаснува Ружин.

И поранешниот дипломат Ристо Никовски се согласува дека е неопходна рационализацијата на нашите дипломатски претставништва низ светот.

– Затворањето на четирите амбасади е многу добар и разумен потег на претседателот. Треба да се преиспита работењето на сите наши претставништва во светот и да се утврди кои од нив ни се потребни, а кои не ни се потребни. Чинам дека и други амбасади треба да се затворат, а истовремено треба да се засилат со дипломатски кадар оние што за нас се најважни – вели Никовски.

Земјава има свои 35 дипломатски претставништва во вкупно 30 држави во Европа, шест претставништва во Северна Америка, седум во Азија, четири во Австралија, едно во Јужна Америка и исто толку во Африка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот