Во Македонија нема да има ни руска, ни кинеска вакцина

Скопје / Април 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во Македонија нема да има ни руска ни кинеска вакцина против ковид 19. Засега Комитетот за имунизација при Министерството за здравство решил да даде приоритет на вакцината против ковид-19 која е одобрена од ЕМА и од ФДА, односно европското и американското регулаторно тело за контрола на лекови кои го следат и контролираат целокупниот процес на создавање на вакцината како и клиничките студии.

– Тоа не значи дека вакцините коишто го немаат поминато тој процес не се безбедни, меѓутоа Министерството за здравство приоритет даде токму на таа вакцина која ги заокружила сите процеси на создавање. Министерството за здравство и за многу други препарати, лекови и продукти ги бара тие сертификати од ЕМА и ФДА, па оттука многу логично беше кога проактивно настапувавме кон одредени производители на вакцини против коронавирусот, тоа да ни биде еден од приоритетите како да ги селектираме вакцините кон кои ние како држава приоѓаме, појаснуваат од Министерството за „Слободен печат“.

Со КОВАКС механизмот и со директна соработка со производителот „Фајзер“, како и со соработка со повеќе европски земји кои понудија помош, во земјава, според најавите, вакцините ќе стигнат во февруари. Избор со која вакцина ќе се вакцинираат граѓаните нема да има, бидејќи ќе добиеме само вакцини од „Фајзер“.

Имунизацијата во државата ќе се одвива според оперативен план каде се дава приоритет на различни ризични групи граѓани. Преку КОВАКС механизмот, обезбедени се 833 илјади дози на вакцини. Стигнаа и фрижидерите кои во земјава ги донираше САД, а во кои ќе се складираат вакцините кои се чуваат на минус 70 степени. Луѓето што го прележале коронавирусот, околу 75 илјади граѓани, засега нема потреба да се вакцинираат, велат здравствените власти.

Првите вакцинални дози ќе бидат за здравствените работници кои се во првите редови во борбата со коронавирусот во ковид центрите и во интернистичките одделенија, а од нив дури високи 60 проценти изразиле желба да се вакцинираат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот