Во Македонија не е одобрена храна која содржи инсекти

Досега до Комисијата при АХВ не е поднесено барање за одобрување на производ кој содржи ларви или други форми на инсекти, потврдуваат за „Слободен печат“ од Агенцијата. Изминатиов период, според странските медиуми, се разгледувало нивното користење во повеќе варијанти, како додаток за јадења или како брашно. Законскиот рок во кој Агенцијата може да решава во однос на барањето за одобрение за храна и состојки на храна произведени со иновирани технологии е 12 месеци.

-Постапката за одобрување на овој производ во Европската унија се уште трае, односно се додека не се објави имплеметирачка регулатива за одобрување на овој производ, тој не е одобрен и не може да се стави во промет на пазарот во ЕУ – додаваат од АХВ.

Од Агенцијата информираат и дека на средината на јануари годинава, од страна на Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) објавено е мислење за употребата на суви жолти ларви од  инсектот Тенебрио молитор, како авторизирана храна произведена со иновирани технологии.

-Предложената „новел” храна е термички исушена жолта ларва во форма на црв, или во форма на прав. Членовите на Панелот кои го разгледувале предложениот производ и доказите за неговата безбедна употреба, стабилност на производот, студиите за и условите за неговата употреба, процениле дека тој е безбеден според  предложената намена или употреба и според предложените нивоа на употреба и услови на употреба – објаснуваат од АХВ.

Македонската Агенција има пропишано национална постапка за одобрување на вакви производи кои спаѓаат во категоријата на храна произведена со иновирани технологии.

Според достапните информации на странските медиумите, брашнестиот црв, односно неговите ларви, низ историјата ги консумирале многу народи, посебно оние од југоисточна Азија. Се јадат термички обработени, најчесто пржени или печени и се сметаат за многу здрав оброк, полн со протеини. Исто така содржат и селен, железо, цинк и други користи состојки, а имаат повеќе витамини од говедското месо.

Од АХВ посочуваат дека храна и состојки на храна произведени со иновирани технологии или т.н. „нова храна“ е секоја храна или нејзина состојка која нема значителна историја на консумација пред 1997 година, кога во ЕУ е донесена првата регулатива со која се пропишуваат посебните барања за безбедност на оваа храна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот