
Во Лондон се одржа протест на градилиштето на новата кинеска „мега амбасада“
Голем број луѓе протестираа на местото каде што треба да се изгради новата кинеска „мега амбасада“ во Лондон, а учесниците на протестот изразија загриженост дека таа може да се искористи за контрола на неистомислениците, објавија денеска британските медиуми.
Препорачано
Според „Гардијан“, повеќе од 1.000 луѓе се собрале пред поранешната Кралска ковачница, на местото каде наскоро би можела да биде сместена новата кинеска амбасада.
Кина го купи местото со намера да ја изгради својата најголема амбасада во Европа на површина од два хектари.
Локалните власти одбија да издадат градежна дозвола, наведувајќи голем број аргументи, вклучително и негативното влијание на масовните протести што може да се одржат таму, а конзервативната влада одби да интервенира, пренесува Танјуг.
Пекинг повторно го поднесе барањето за изградба откако лабуристите дојдоа на власт, а кинескиот претседател Си Џинпинг директно го покрена ова прашање во разговор со премиерот Кир Стармер.
Министрите на британската влада Ивет Купер и Дејвид Лами дадоа поддршка за проектот, а локалните власти треба да одржат состанок за ова прашање следната недела.
Конечната одлука ќе биде на вицепремиерката и министерка за домување Ангела Рајнер, пишува британскиот весник.
Учесниците на вчерашниот протест, во кој имаше многу луѓе од Хонг Конг кои побараа засолниште во ОК, стравуваат дека амбасадата може да се искористи за контрола и незаконско затворање на дисидентите.
Еден од учесниците на протестот рече дека е многу можно зградата да се користи за сместување на незаконски уапсени кинески дисиденти кои се на британска територија.
На протестот присуствуваа и голем број истакнати британски политичари како конзервативниот пратеник Иен Данкан Смит, пратеникот од Лабуристичката партија Блер Мекдугал и поранешниот министер за безбедност Том Тугендат, кој рече дека изградбата на амбасада би била голема грешка.