Во Лондон Самит, дома кавги за НАТО

Влада на РСМ НАТО и македонија
Влада на РСМ / Фото: МИА

До Собранието не пристигнала иницијатива од ВМРО-ДПМНЕ со која опозициската партија ќе бара од пратениците предвреме да го ратификуваат протоколот за членство во НАТО. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, за „Слободен печат“, вели дека ја разгледуваат можноста за поднесување на иницијативта за доставување на закон за ратификација на Северноатланскиот договор и пристапниот протокол за членство во НАТО.

– Прво да направиме проверка, бидејќи ваква иницијативе е лесна за подготовка, бидејќи веќе имаме практични примери од соседството – вели Мицевски.

Ваквата иницијатива пред два дена ја најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

И додека во Лондон стартува лидерскиот самит на НАТО, каде за првпат ќе седиме рамо до рамо со претставниците на Северноатланската алијанса, во земјата се води политичка кавга за НАТО. Од довчерашните сопартијци, независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, на адресата на Мицкоски стигна барање за оставка, поради, како што велат, двојните аршини за НАТО членството на Македонија. Тие посочуваат дека Мицкоски неколку пати го потценува генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг,  дека промената на името е неопходна, а сега на пратениците од неговата партија им наложува да потпишат иницијатива за Македонија да отпочне ратификација за членство во НАТО.

– Тоа се истите пратеници на кои пред само неколку дена им кажа дека не ги планира на идните пратенички листи. Лицемерието на Христијан Мицкоски го достигнува зенитот. Пред ниту една важна одлука нема јасен став, а сега сака, искористувајќи други луѓе, да креира слика дека НАТО му е многу важно – велат од независната пратеничка група.

Мицкоски вчера на прес конференција рече дека определбата на ВМРО-ДПМНЕ секогаш била за опцијата НАТО. Не слушнал за барањето за оставка кое му го испратија независните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, но рече дека утре на седница на извршниот комитет ќе го отвори и тоа прашање.

Мицкоски бара од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да потпишат и поднесат иницијатива за ратификација на протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО со одложено дејство, по урнек на Црна Гора.

Од СДСМ се сомневаат во намерата на Мицкоски и од него побараа да ги поддржи измените во Законот за одбрана со кои се прави стандардизација на АРМ со НАТО. Оттаму посочија дека не ја прифаќаат инцијативата на ВМРО-ДПМНЕ за конечно усвојување на ратификацијата на протоколот за членство, повикувајќи се на праксата на Црна Гора. Според СДСМ, додека Шпанија не го каже последниот збор, ништо конкретно нема да има во македонскиот парламент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот