Во Лешочкиот манастир почнуваат чествувањата пред утрешната канонизација на Кирил Пејчиновиќ

По повод канонизацијата на македонскиот просветител и игумен лешочки, Кирил Пејчиновиќ, денеска во 17 часот во Лешочкиот манастир „Свети Атанасиј Велики”, ќе биде отслужена вечерна служба. Утре, пак, во Соборниот храм ,„Св. Кирил и Методиј” во Тетово, со почеток во 8:30 часот, ќе се отслужи света Божествена литургија, со која ќе чиноначалствува Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение на архијереите и свештенослужители од епархиите на МПЦ-ОА.

На литургијата ќе биде извршен чинот на канонизација на светиот преподобен Кирил Лешочки.

Верниците ќе имаат можност да пристапат, за време на литургијата и по неа, на поклонение до кивотот каде ќе бидат изложени светите мошти на светителот и до неговата прва икона. Од Тетовско-гостиварската епархија апелираат за почитување на воспоставениот ред во храмот, со цел да се запази поредокот на литургијата и да им се овозможи на сите да се поклонат и да испросат молитвено застапништво од преподобниот Кирил Лешочки.

–Ова е чин со историско значење, дело кое, со Божјата помош и по застапништвото на преподобниот, ќе донесе духовни плодови за нашиот народ и нашата Црква, а воедно претставува и несекојдневен дел од црковната традиција, кој е душеполезно да се посведочи со личното присуство. Тетово и Полошкиот регион, но и нашиот верен народ ширум татковината и светот, добиваат уште еден молитвен покровител, принесувајќи му дар и на соборното Православие, а во слава на Бога. Нека е на многу години, порачаа од Тетовско-гостиварската православна епархија.

Епархијата ги известува граѓаните и верниците дека на 16 октомври, во центарот на Тетово и во пределот околу соборниот храм „Св. Кирил и Методиј”, ќе биде воспоставен посебен сообраќаен и безбедносен режим.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот