ВИДЕО | Во Куба масовно се апсат демонстранти
Кубанците се незадоволни поради влошената економска состојба, недостиг на храна и лекови, високите цени и начинот на кој владата се справи со епидемиолошката криза
Десетици луѓе се уапсени за време на најголемите протести во Куба во изминатите неколку децении. Кубанците се незадоволни поради влошената економска состојба, недостиг на храна и лекови, високите цени и начинот на кој владата се справи со епидемиолошката криза.
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел ги повика приврзаниците да се спротивстават на демонстрантите. За време на синоќешното телевизиско обраќање до нацијата, Дијаз-Канел ги обвини САД за немирите и санкциите на Вашингтон, што траат во различни форми од 1962 година, велејќи дека „Америка спроведува политика на економско задушување на Куба”.
Дијаз-Канел демонстрантите ги нарече американски платеници ангажирани од Вашингтон за дестабилизација на Куба и ги повика неговите приврзаници да излезат на улиците и да застанат во одбрана на Кубанската револуција.
– Издадена е наредба да се оди во битка. Револуционери, на улица, нагласи Дијаз-Канел.