Во „Козле“ се лекуваат најмладите пациенти: Децата со лесно го поминуваат коронавирусот ако се без придружни болести

ЈЗУ Институт Козле /Скопје, 29 јуни 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Од коронавирусот во земјава се заразуваат и децата, но најчесто немаат никакви последици по опоравувањето, а нивната клиничка слика најчесто е лесна, односно имаат само покачена телесна температура, тврди за „Слободен печат“ директорот на Болницата за белодробни заболувања во Козле, доктор Ангелчо Андоновски.

На оваа клиника моментално се лекуваат четири деца со потврден позитивен резултат на коронавирусот, а пет деца се суспектни на вирусот односно го очекуваат резултатот.

-До сега од тоа што го читаме од литературата, од медицинското списание Лансет, од студиите кои што пристигнуваат, не е утврдено дека постојат компликации кај помалите по опоравувањето од Ковид 19. Кај малите деца отпорноста на организмот и антителата кои ги градат, им даваат стабилност на имунолошкиот систем. Ова е мултисистемско инфламаторно, респираторно заболување кое во подоцнежниот период кај младите не дава последици. Кај нас во Македонија, не се случило наш пациент да биде повторно хоспитализиран или да настане компликација кај него. Секако, зборувам за деца без коморбидитети, објаснува доктор Андоновски.

Тој тврди дека сите деца кои се сместени на одделението во болницата каде тој раководи се во добра состојба, а нема ниту едно дете на кислородна поддршка.

-Имаме четири позитивни деца кои со нивните мајки лежат на одделението. Тие немаат никаква тешка клиничка слика. Нивните симптоми се тоа дека на почетокот фебрицираат односно добиваат температура. По докажувањето на тестот, согласно клиничката слика го следиме наодот дали сликата прогресира за да видиме дали ќе настане бронхоопструкција. Потоа даваме антибиотска терапија. Целиот протокол што го имаме воспоставено за лекувањето се темели на симптоматологијата. Досега од почетокот на пандемијата најтежок беше случајот со детето кое беше транспортирано од Детската клиника во странство и заврши летално. А најлесните случаи се асимптоматските или децата со блага температура од 37 со 2. За нив откако ќе го докажеме ковид ги пуштаме на домашно лекување. Тие што остануваат хоспитализирани, тоа најчесто е поради тоа што нивната температура трае повеќе денови и се качува до 40 степени. И поради опасноста од дехидратација се на рехидрациона терапија и ги ставаме на третман, посочува докторот.

Од неговото досегашно искуство ретки се случаите кога децата се заразуваат поради меѓусебен контакт. За хоспитализираните пациенти, речиси во сите случаи децата го префатиле вирусот од нивните родители, односно затоа и се тестирале, поради тоа што член од семејството развил симптоми.

Досега на Клиниката за белодробни заболувања во Козле имало пациенти со Ковид на возраст од само два дена, односно штотуку родено бебе, до осумнаесет годишни пациенти. Моментално најмладиот пациент на клиниката кој е хоспитализиран има една година и четири месеци. Покрај деца, во Козле има и ковид центар и за возрасни, со медицински кадар како инфектолог, интернисти, но и педијатриски и сестрински кадар.

Деца позитивини на Ковид 19 има и на Клиниката за детски болести во Скопје, иако таа официјално не е ковид центар за лекување и третман на децата заболени од овој вирус. Меѓутоа, ниту едно дете не е вратено од клиниката без да биде прегледано и без да му биде дадена медицинска помош, тврди за „Слободен печат“ директорката, доктор Аспазија Софијанова.

Уште на почетокот од пандемијата Клиниката обезбеди безбедна патека за децата кои ургентно се носат на детската Клиника, а постојат сомневања според епидемиолошките анализи да се заразени од Ковид. Оваа патека функционира без проблем и опасност по пациентите кои се хоспитализирани на клиниката со други дијагнози.

– Во моментов на Клиниката за детски болести, следејќи ги сите протоколи, има двајца пациенти со утврден висус Ковид -19. И во двата случаи станува збор за деца кои имаат одредени комoрбитети или придружни заболувања покрај основната болест или состојба. Ковид 19 вообичано кај децата поминува со лесна клиничка слика, горен респираторен синдрим, нешто како полесна форма на грип. Но, ако децата имаат други посериозни заболувања Ковидот може да предизвика и посериозни форми на состојбата. Еден од пациентите во моментов е на кислородна поддршка, станува збор за дете кое уште од раѓање страда од одреден синдром и коморбитети. Универзитетската клиника за деца не е Ковид центар за деца заболени од вирус, но од прогласувањето на пандемијата до денес сме утврдиле 24 позитивни пациенти. Секој од нив имал различна клиничка слика, пациентите со полесна клинича слика се префрлаат во Козле, а пациентите кои се во потешка здравствена состојба и не може да се третираат во ниту едена друга здравствена институција останува на третман на детската клиника. Времетраењето на третманот е индивидуален, објаснува доктор Софијанова.

Децата дури и кога се без симптоми се големи преносители на коронавирусот. На оваа информација се темелеа и мерките на владата на почетокот на пандемијата кога за возрасните и за младите беа воведувани различни временски периоди од денот кога им беше дозволено да излегуваат од дома со цел да не се мешаат.

Најчестите симптоми кај нив се кашлица, покачена телесна температура и болки во мускулите. Ковид 19 кај децата обично кратко трае. Симптомите исчезнуваат за една или две недели, а времетраењето на болеста во просек е четири или пет дена. Како што информираше Министерството за труд и социјална политика, до пред една недела во градинките имало само пет позитивни деца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот