Во Комисијата за Европски прашања не помина амандманот на „Маргини“ кој во собраниска процедура влезе како предлог на ДОМ

Со седум гласови „против“ на владејачкото мнозинство, СДСМ и ДУИ, пет „за“, на ВМРО-ДПМНЕ и еден „воздржан“ на ЛДП, не помина амандманот, кој по барање на Мрежата за заштита од дискриминација „Маргини“, денеска се најде во Комисијата за европски прашања.

Амандманот со кој невладините организации бараа тројца членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да бидат по предлог на граѓанскиот сектор, а останатите четворица на власта и опозицијата го поднесе Маја Морачанин од ДОМ. Не беа прифатени ниту 12 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и 2 на коалицијата Алијанса и Алтернатива. Се очекува наредната недела Предлог – законот за спречување и заштита од дискриминација собранискиот спикер Талат Џафери да го стави на собраниска седница.

„Маргини“ против партиски вработувања во „Комисијата за заштита од дискриминација“

Власта го отфрли предлогот на „Маргини“ со образложение дека во новиот Предлог – закон е предвиден транспарентен избор на членовите преку јавна расправа во која ќе можат да учествува и граѓанскиот сектор. „Маргини“ бараше измени во членот 18 бидејќи стравува дека комисионерите во Комисијата ќе бидат партиски предлози и со тоа ќе ги штитат интересите на партиите.

Во образложението на Предлог законот за спречување и заштите од дискриминацијата пишува дека е во согласност со меѓународните документи усвоени од страна на ООН, Европската унија, Советот на Европа, како основа за правна заштита во случај на појава на дискриминација. Со законот се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа. Предвидено е и ослободување од судски трошоци во судските постапки.

Инаку општата дефиниција на дискриминација гласи: Секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други.

Новина е и тоа што се воведува „Тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес” со која Здруженија, фондации, или други организации од граѓанското општество, и неформални групи кои имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, можат да поднесат тужба, ако направат веројатно дека со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица. Со ова се укинува потребната писмена согласност од странките доколку се работи за група и здруженијата ќе имаат право да поднесуваат тужби доколку го докажат својот интерес, а не како досега да учествуваат единствено како сопарничари во постапката; Товарот на докажување со овој предлог закон преминува на тужениот кој ќе треба да докаже дека не постои дискриминација и во судската постапка и во постапката пред Комисијата.

Комисијата наместо да заштити, дискриминира од старт

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот