Во ќелиите на Седнаја пронајдени десетици тела на измачувани затвореници
Близу 40 мртви тела со траги од свирепи измачувања биле пронајдени во мртовечницата на воената болница Хараста во предградие на Дамаск по соборувањето на режимот на Башар ал Асад, тврдат бунтовниците што ја презедоа власта.
Телата во различна фаза од распаѓање биле откриени по анонимна дојава. Се претпоставува дека во болницата биле префрлени телата на затвореници што биле измачувани во озлогласените сириски затвори.
Сириската опсерваторија за човекови права тврди дека во затворите на режимот биле измачувани и убиени речиси 60.000 луѓе. Откако Асад нареди брутално задушување на бунтовите за време на Арапската пролет во 2011 година, во Сирија исчезнале повеќе од 100.000 луѓе.
– Болницата Хараста служела како главен центар во кој биле префрлани телата на убиените затвореници. Таму или во болницата Тишрин биле доставувани телата од озлогласениот затвор Сeднаја, а потоа биле закопувани во масовни гробници – изјави за Франс прес Дијаб Серија, од Асоцијацијата на притворени и исчезнати лица во Седнаја (АДМСП).
Групата за цивилна заштита позната како „бели шлемови“ вчера објави дека во визбите и подземните лавиринти на Седнаја, познат и како „кланица за луѓе“, не биле пронајдени ниту живи затвореници ниту тела. Во истрагата учествувале специјализирани екипи поддржани од луѓе со шема на просториите и со дресирани кучиња.
Пребарани биле сите ќелии, згради, визби и дворови, дури и системите за вентилација и за канализација, додека пред затворот се собрале стотици луѓе, чекајќи информации за блиски исчезнати лица.
Во документ од 28 октомври било наведено дека во Седнаја има 4.300 затвореници, од кои 2.187 биле во притвор во „белата зграда“, а уште 1.483 приведени за потешки дела биле во „црвената зграда“.
АДМСП тврди дека во периодот од 2011 до 2018 година само во Седнаја вкупно 30.000 луѓе биле егзекутирани, биле убиени при измачување или починале од повреди, болести и глад. Во периодот од 2018 до 2021 година биле егзекутирани уште 500 луѓе. Телата биле чувани во „солени сали“, а кога ќе се собереле неколку стотини, биле префрлани во болниците.