Во Кавадарци и Кичево лани секој втор ден дишеле опасно загаден воздух

Скопје загаден воздух аерозагадување
Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Кавадарчани лани најдолго дишеле загаден воздух – од 365 дена во годината, во 175 дена аерозагадувањето со ситни честички ПМ10 во Кавадарци било над безбедната граница, односно среднодневната вредност била над 50 микрограми на кубен метар воздух. Според Законот за квалитетот на воздухот, за да се сочува човековото здравје во текот на една година не смее да има надмувања на оваа вредност повеќе од 35 дена, но податоците од мерните станици на Министерството за животна средина покажуваат дека во сите градови каде што се мери аерозагадувањето е надминат бројот на загадени денови и така е со години наназад.

Во Кичево лани поминале 142 дена со прекумерено аерозагадување, во Велес 120 дена, во Лисиче 120 дена, во Куманово 119 дена, во Гостивар 118, а во Тетово 111 дена.

Овие бројки се од месечниот извештај за декември на порталот што го следи загадувањето на МЖСПП. Најголем дел од деновите со опасно загадување се во зимските месеци, па така, минатиов декември речиси цел месец било прекумерно загадено во Струмица и Кичево каде со среднодневни надминувања на ситните честички изминале дури 27, односно 26 дена. Потоа следуваат Гостивар со 23 загадени денови во декември, па Тетово со 21.

Највисока вредност на ситни честички во декември е измерена во Струмица на 27 декември кога среднодневната концентрација на ПМ10 изнесувала дури 424 микрограми на кубик возух, што е осум пати над максимално дозволените концентрации. На 27 декември е забележано најголемото загадување и на останатите мерни станици низ цела Македонија за тој месец.

Интересен податок е аерозагадувањето што го регистрирала мерната станица Лисиче на 26 декември, кога се измерени ПМ10 од 267 микрограми на кубик, а уделот на најситните и најопасни честички ПМ2,5 е исто толку. Значајно е и што уделот на најфините честички ПМ2,5 е огромен во вкупните емисии на ситни честички ПМ10 на сите мерни места. Овие најфини честички се најопасни за здравјето, затоа што продираат најдлабоко во белите дробови и се разнесуваат низ целиот организам, а за нив не постои безбедна концентрација во воздухот.

Во врска со другите загадувачи на воздухот што се мерат во станиците на МЖСПП – јаглерод моноксид, азотни и сулфурни оксиди и озон, на ниту едно мерно место нема надминувања во ниту еден ден во минатата година. Министерството има шест станици во Скопје (Центар, Карпош, Лисиче, Гази Баба, Ѓорче Петров и Илинден), две во Битола и по една Велес, Тетово, Гостивар, Куманово, Кичево, Кавадарци, Кочани, Лазарополе, Струмица и Гевгелија.

Сепак, бројките од минатиот декември и целата година се пониски од претходните години, кога во Скопје беше загадено секој втор ден, а во Тетово секој ден, а среднодневните концентрации достигнуваа фрапантни вредности, редовно над 500 микрограми на кубик воздух.

Според некои проценки, секоја година во Македонија умираат околу 3.500 луѓе како последица на прекумерното загадување. Аерозагадувањето предизвикува срцеви и кардиоваскуларни заболувања, како и белодробни, малигни и други видови заболувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот