Во Катар почнаа првите парламентарни избори, помалку од 10 отсто од граѓаните имаат право на глас

Катар избори
Избори во Катар / Фото: EPA-EFE/NOUSHAD THEKKAYIL

Катарците денеска излегуваат на првите парламентарни избори во оваа заливска земја, на кои се избираат две третини од Советодавниот совет – Шура.

Гласачите почнаа да пристигнуваат на избирачките места, мажи и жени одделно, за да изберат 30 членови на телото во кое има 45 места. Владејачкиот емир ќе ги назначи преостанатите 15 членови на Советот.

Поради големиот број странски работници во Катар, најголемиот производител на течен природен гас во светот, домицилно население се само 10 отсто од неговите граѓани, од вкупно 2,8 милиони жители во земјата. Дури и сите Катарци во тие десет проценти немаат право на глас.

– Со можноста за гласање, чувствувам дека ова е ново поглавје, рече Мунира, која пишува книги за деца и побара да биде спомената само по името.

– Навистина сум среќна со бројот на жени кандидати, додае таа за британските медиуми.

Осумнаесет жени се меѓу 183 кандидати кои се надеваат дека ќе бидат избрани во 30 области во земјата.

Советот ќе има законодавна моќ и ќе ја одобри општата државна политика и буџет, но нема контрола врз одбраната, безбедноста или економската и инвестициската политика на оваа мала, но богата земја производител на нафта, која забранува постоење на политички партии.

Кампањата се одвиваше на социјалните медиуми, на состаноци во заедниците и со билборди крај патиштата.

Изборите сугерираат дека катарското владејачко семејство Ал-Тани „сериозно размислува симболично да ја подели власта, но и навистина институционално да ја подели власта со другите катарски племенски групи, оценува Ален Фромхерц, директор на Центарот за блискоисточни студии на државниот универзитет во Грузија.

Изборите, одобрени со уставниот референдум од 2003 година, се одржуваат пред одржувањето на Светското првенство во Доха следната година.

Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Катар, шеикот Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани, минатиот месец претстојното гласање го опиша како нов „експеримент” и рече дека од Советот не може да се очекува од првата година да ја има „целосната улога на кој било парламент“.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот