Во Карпош е мрачно и мрак нѐ обвива

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Четиричасовното црнило секоја ноќ во општина Карпош е дел од мерките за штедење струја на актуелното раководство. Сметките за улично осветлување биле превисоки, па морало вака. Во другите општини не мора.

Карпошани имаат неформална забрана за движење од 1 часот после полноќ до 5 часот наутро. Општинските тајмери, 173 на број, тогаш го гаснат уличното осветлување и Карпош потонува во целосна темница. Светат само главните улици кои се во надлежност на Град Скопје.

Затоа, прибирање дома најдоцна до 1 часот по полноќ, инаку движењето по улиците е на сопствен ризик! Може да ве нападнат улични кучиња, арамии, може дури и да се сопнете или да пропаднете во некоја отворена шахта и да се повредите затоа што прст пред око не се гледа. За паркираните автомобили ич да не правиме муабет. На „послужавник“ се на секој оној што ќе реши да се послужи со некое возило. Или да му го исече карбураторот. Се разбира, доколку е вешт тоа да го изведе во апсолутна темница.

Четиричасовното црнило секоја ноќ во општина Карпош е дел од мерките за штедење струја на актуелното раководство. Сметките за улично осветлување биле превисоки, па морало вака. Во другите општини не мора. Без оглед што и жителите на Карпош и оние на другите општини плаќаат иста комунална такса на сметките за струја од 184 денари. Ама тие, останатите, не се одговорни како општинарите од Карпош.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски вели дека тој како одговорен субјект кој ја води оваа општина има на располагање две можности. Тој тврди: „Првата можност е да штедиме, а втората можност е да ја покачиме цената за улично осветлување. Тоа значи, ако вие како граѓани сега плаќате по 150 денари по тарифно броило за улично осветлување, во иднина би требало да плаќате околу 500 денари за да можеме да ги покриеме трошоците. Ако граѓаните инсистираат на таа варијанта тогаш јас сум подготвен да одиме на референдум па како ќе одлучат граѓаните така – сакаат да штедиме или сакаат сметките да бидат поголеми“.

Сѐ е тоа фино, демек еве има можност за избор, ама градоначалникот не објаснува како тоа мисли да го зголеми износот што го плаќаат граѓаните, па уште за тоа да се изјаснеле на референдум. Тоа не е прашање кое може да се реши на тој начин затоа што определувањето на висината на комуналната такса за улично осветлување не е во надлежност на Општината туку е еднаква за сите и ја определува Регулаторна комисија за енергетика.

Згора на тоа, граѓаните не се и не може да бидат одговорни за тоа колкави се трошоците за улично осветлување што ги плаќа Општината. Оттаму велат дека вака штеделе по 30 отсто од сметките, но требало да платат уште 50 илјади евра од општинскиот буџет. Не можело да се крати од други трошоци инаку не ќе можело да се обезбедат субвенции за поправка на фасади, покриви, лифтови.
Па, во услови на енергетска криза и не мора да се дава годинава помош за поправки, не мора да се субвенционира ниту обука и полагање за возачка дозвола, па макар тоа било предизборно ветување на градоначалникот.

Она што е „морално“ е карпошани да се чувствуваат безбедно во своите населби, да се чувствуваат безбедно додека се движат по улиците. Исклучувањето на уличното осветлување никако не може да биде решение, не треба да биде начин на штедење. Што ќе се случи ако се зголеми криминалот низ Карпош во часовите додека е црна темница? Што ако некој граѓанин биде нападнат, некое возило обиено или нечиј дом провален? Дали е Општината подготвена да плаќа отштета поради несреќите предизвикани од нејзиното „одговорно“ однесување? Не верувам.

И, на крајот, зошто карпошани да плаќаат иста комунална такса како и останатите граѓани, а за тие пари ( колку и да се) да им се ускратува дел од услугата која ја добиваат сите? Врие гневот на жителите на Карпош. Допира ли тоа до Јакимовски?

Видео на денот