Во кафкијанските ходници на европскиот замок

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

И во религиско-политичкиот текст на „францускиот предлог“ има сè што им треба на корисниците, без оглед дали е тоа за потребите на оние што треба да се убедат во непроценливите „вредности“ во кои, како во зрело грозје, ќе уживаат на крајот од долгиот и макотрпен пат, или пак е тоа за потребите на оние што ќе го злоупотребат за непреченото и сосем легално силување на македонската млада кандидатка „што не познала машко легло“, во бескрајните ходници на европскиот замок.

Третава деценија од 21 век сè повеќе наликува на втората деценија на 20-тиот. И тогаш со планетата владеел либералниот капитализам, и тогаш луѓето во Европа, разгалени од долгото мирнодобие и процутот на човечката инвенција, наука и технолошки напредок, не можеле да го предвидат амбисот на светската војна што се темнеел пред нив. Треба само да ги прелистате насловните страници на проминентните весници од европските метрополи, како во 1913 година на сиот глас се гнасат од ѕверствата на закрвавените балкански народи, што во Втората балканска војна се колеа за територии. Балканскиот варваризам го објаснуваа најчесто како последица од културниот примитивизам кој – за разлика од цивилизираната Европа – царувал со векови на Балканите.

Европа ниту тогаш, а ниту денес, не можеше да поими дека месеци ја делат од војната во која и самата ќе произведе толку многу варварски ужаси и дивјачки воени колежи и стравотии, споредено со кои Балканските војни ќе заличат на селска свадбарска тепачка на поднапиени сватови.

И тогаш – како и денес – војната ја забрза радикализацијата, па и фанатизацијата на политиките, што потем неизбежно ќе ги изроди политичките религии и тоталитаризмите што го обележија векот. За овие политички религии пишува Емилио Џентиле, кога објаснува дека Првата светска војна била најплодниот потстрек за сакрализацијата на политиката, и тоа најмногу со интензивирање на култот на нацијата, кој пак се послужил со политизацијата и на историските религии. Така овој процес обезбедил безмалку сите држави во војната да ги санктификуваат своите татковини и да тргнат во света војна против Антихрист, тврдејќи дека Бог е на страна на нивните војници за да ги поведе во победа за спасување на цивилизацијата и на човештвото. „Самата војна е толкувана како голем апокалиптички и преродбенски настан што се одвива по божја волја, со што е легитимизирано насилството заради победата на Доброто“.

Фанатизмот со кој Европа некни влезе во војна со Русија, очигледно како политички ентитет во составот на НАТО, а не обратно, заедно со религиската реторика – каква што воената пропаганда секогаш користи – премногу наликува на настаните од пред еден век. Особено кога во таков геополитички амбиент, во тешка, оловна омарнина што ѝ претходи на секоја светска војна, од Европа го добиваме „францускиот предлог“ за рамка за отпочнување и за водење на пристапните преговори за членство во Унијата, и тоа во форма и со придружна реторика што предлогот го прави „предлог што не може да се одбие“.

И текстот на „францускиот предлог“ и превладувачката реторика што како сулфурна магла го обвиткува овој дипломатски триумф на европската Порта, во својата суштина се религиски текстови. Од едната страна – доколку се прифати пристапното сценарио од предлогот – се влегува во безбедната зона на „европските вредности“, зона во која треба само да бидеме добри и вредни ученици, кои никогаш нема да се посомневаат во светоста на вредностите за чиешто достигање секоја цена е премала. Од другата – доколку бидеме толку глупави да не прифатиме – стои бездната на варварската околина што демне околу Европа, и неизвесната иднина на една мекотелна државичка заталкана на беспатијата од разнишаната континентална геополитичка сцена на која ѝ се закануваат азиските орди.

Треба ли во вакви околности воопшто да го анализираме текстот на „фанцускиот предлог“ и во него да бараме предности и слабости по македонскиот национален интерес? Јас мислам дека тоа веќе не е потребно. Не само затоа што се работи за религиски текст во кој не егзистираат ниту факти ниту поими што можат да се поврзат со реалноста, туку и затоа што дискусијата за текстот на предлогот е со промашен предмет, а и затоа што е веќе сериозно задоцнета.

Сепак – повторно не издржав и се впуштам во општо објаснување на овој религиски текст, односно во обид да објаснам дека во него секој може да прочита што сака. Во конкретниот случај, во текстот може да се прочита и македонското спасение, но и апокалипсата. Тоа е ист случај како и со Библијата. Во Светото писмо милијарди луѓе веруваат дека се наоѓаат моралните темели на цивилизацијата. Безброј пати се повторени божјите заповеди што ја одредуваат силуетата на моралноста човекова и што се практично најголемите вредности на христијанството, исто како што деновиве се бае и за европските вредности.

Елем, во втората книга од Библијата наречена Исход, втората половина од десетте заповеди, каде се вели: 5. Почитувај ги татка си и мајка си, за да ти биде добро и долго да поживееш на земјата; 6. Не убивај; 7. Не врши прељуба; 8. Не кради; 9. Не сведочи лажно против твојот ближен; 10. Не пожелувај ништо што е туѓо; како и славната заповед од Евангелието по Матеј (22.39): Возљуби го својот ближен како себеси; тоа се заповедите што ја чинат славната арматура на јудео-христијанските морални вредности, што во меѓувреме станаа и општоцивилизациски вредности во чијашто одбрана луѓето треба да ги полагаат своите животи.

Но, во истиот свет текст, во Библијата, во четвртата книга Мојсеева (30.31) се дава рецептура за од Бога нарачаниот (и однапред простениот) геноцид и грабеж на племето на Мадијамците што му се било испречило на Израеловото племе во нивниот поход на ветената земја, во кои се кршат безмалку сите претходно цитирани морални норми: „Како што му заповеда Господ на Мојсеја, тие ги убија сите од машки пол (…) пак, жените и децата (…) и сиот нивни добиток и сите стада нивни, и целиот имот нивни го заграбија; сите градови нивни (…) и сите села нивни со оган ги изгореа“. Но, по свршената работа војската Израилова му рапортирала на врховниот командант Мојсеј за стореното, а овој се разгневил во праведничка јарост: „Мојсеј се разгневи и ги праша: зошто ги оставивте живи сите жени? А, сега убијте ги сите деца од машки пол, убијте ги и сите жени, (…) а сите деца од женски пол, кои не познале машко легло, оставете ги живи за себеси“. Тешко човек тука да не го коментира овој комплетен систем на морални вредности што е утврден и повторен повеќе пати во Светото писмо како најлегитимниот геноциден и ограбувачки метод за успешно основање држава, кој пак јудео-христијанските цркви не толку често го слават како фундаментална христијанска морална вредност, но неретко го користеа во текот на историјата.

Од библискиот пример мислам дека станува појасно како се пишувани и како се толкуваат и потаму се спроведуваат религиските текстови, без оглед дали се работи за телеолошки текст од т.н. историски религии или пак за современ религиско-политички текст, односно предлог на рамка за преговори. Во нив има се што им треба на корисниците, без оглед дали е тоа за потребите на оние што треба да се убедат во непроценливите „вредности“ во кои, како во зрело грозје, ќе уживаат на крајот од долгиот и макотрпен пат, или пак е тоа за потребите на оние што ќе го злоупотребат за непреченото и сосем легално силување на македонската млада кандидатка „што не познала машко легло“, во бескрајните ходници на европскиот замок.

П.С. Дебатата за „идентитетот“ е потполно бесмислена во земја на чијшто главен плоштад ечат триесетметарски споменици на Александар и татко му, а злосторникот на тоа идентитетско изобличување на нацијата да е главната опозициска партија што најгласно вреска во одбрана на вредностите што самата ги поништи. Беспредметна е и дебатата за „јазикот“ во земја чиишто државни институции во своите официјални текстови во курзивот употребуваат букви што не постојат во македонскиот правопис, туку во бугарскиот. Вистинската дебата е околу самата Европска Унија која не покажа ни трунка грижа што една нејзина членка отворено изразува територијални аспирации кон една земја кандидатка за членство. И, дури, тие аспирации ги легитимира во рамката за преговори, се разбира на префинет европски начин, во интерес на повисоки геополитички цели на нејзиното обединување и проширување. Што бара кандидатката „што не познала машко легло“ во клубот на силувачи? Но, како што реков, доцна е.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот