Во Кабинетот на претседателот е отворена изложбата „Зад Македониумот“

Во Кабинетот на претседателот на 21 септември беше отворена изложбата „Зад Македониумот“ со скици, цртежи, фотографии и со макети од личната колекција на Јордан и на Искра Грабулоски, автори на еден од нашите најпознати споменични обележја, „Македониумот“, во Крушево.

Изложбата „Зад Македониумот“ се организира по повод одбележувањето на 31 година независна македонска држава и преку неа се претставуваат значајните дела од богатата современа македонска културно-историска ризница.

Во своето обраќање пред присутните гости, претседателот Стево Пендаровски истакна дека благодарејќи им на семејството Грабулоски, на Лира Грабул и на Сатја Грабулoски, изложбата е можност да погледнеме во светот на интимните и детални творечки процеси, во повеќеслојните наративи, визии, дилеми и перспективи што се одвивале при уметничкото и архитектонско осмислување на „Македониумот“.

Преку изложбата „Зад Македониумот“ се претставуваат значајните дела од богатата современа македонска културно-историска ризница

– Споменикот на Илинден во Крушево, познат како „Македониум“, е несомнено најкомплексното и би се осмелил да кажам – најрепрезентативното скулптурално-архитектонско дело, кое е возвишен израз на нашата современа уметност, култура и архитектура. „Македониумот“ е парадигма за тоа како големите историски наративи можат и треба да се толкуваат и да се препрочитуваат во контекстот на современоста и на актуелноста. Токму преку пристапот во конципирањето и  во реализацијата на „Македониумот“, и на целиот пејзаж околу него, гледаме дека историското наследство може да биде почетна позиција за еманципираната и универзална иднина, а не простор на застоеност и  на ретроградност – рече претседателот Пендаровски.

На свеченото отворање се обрати и Лира Грабул, ќерката на Јордан и на Искра Грабулоски, која со силни емоции зборуваше за своите родители, за нивната уметничка оставнина, како и за процесот на селектирање на материјалите што се изложени. Низ изложбата присутните гости беа водени од Владимир Јанчевски, куратор и теоретичар на уметноста.

– „Македониумот“ претставува еден од најамбициозните и најкомплексните уметнички, скулпторско-архитектонски проекти во втората половина на 20 век во Македонија. Покрај тоа, овој меморијален комплекс е и исклучително значаен симбол на државноста и како општествено-политички проект што имал   за цел утврдување на националниот идентитет, преку одбележување на Илинден и на АСНОМ како најзначајни историски настани – посочува Јанчевски.

Низ изложбата присутните гости беа водени од Владимир Јанчевски, куратор и теоретичар на уметноста

Чествувањето на 31 година од Прогласувањето на независноста со изложба што е посветена токму на овој проект и на неговите автори е од огромно значење за зачувување на споменот за делото на овој исклучителен креативен пар.

– Јордан Грабул се смета за еден од најзначајните креативни творци на почвата на нашата земја и за еден од пионерите на модерната скулптура. Ова е и особено прилика за истакнување на значењето на Искра Грабул. Не е случајно тоа што се забележува дека најдобрите нивни дела се токму оние во кои директно соработувале или каде што влијаеле еден на друг – а „Македониумот“ е, секако, пикот на заедничкиот творечки живот на Јордан и на Искра Грабул. Оттаму, сѐ што има каква било врска со креативниот процес и со развојот на проектот, од почетните скици, авторското конкурсно образложение, па сѐ до финалната реализација е од огромно значење за разбирањето не само на творештвото на авторите, туку и за историскиот момент. Секако и за аспирациите на едно општество во подем, за визиите и за проекциите на иднината преку креативно трансформирање на материјата во уникатно обележје со јасна симболика како еден од најрепрезентативните примери на југословенскиот социјалистички модернизам и особено на уникатната монументална споменична уметност, која веќе се препознава како светско културно наследство – истакнува Владимир Јанчевски.

Изложбата ќе биде достапна за посета за широката јавност преку платформата Отворен Кабинет до 30 септември 2022 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 147, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот