Во јавниот сектор не смее да има „јадни“ плати

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Да, голем дел од јавниот сектор забошотува, квалитетот на услугите е лош, има вработени што не одат на работа, а земаат плата, но затоа државата има влада, директори на јавни претпријатија, на институции…

Не паметам дека синдикатот бил поорганизиран и поопстоен на своите барања. Не паметам претседател на најголемиот репрезентативен синдикат во државава, Сојузот на синдикати, да излезе од состанок со половина Влада и да каже дека тие од другата страна на вратата се обиделе да го изиграат.

И, искрено, ми годи што се случува ваков прогрес во однос на одбраната на работничките права, затоа што од осамостојување на Македонија, сведоци сме на нивно систематско кршење и тоа во срцевината, во однос на основното право да му се плати сработеното на работникот според законската регулатива.

Кршењето на правата само „еволуираше“ од една во друга фаза. Па, така, на почетокот на транзицијата огромен број наши сограѓани дознаа дека биле излажани, дека со години воопшто не им бил плаќан пензискиот и здравствен придонес, па отидоа во пензија како да „клателе врата“. Сега, пак, законската регулатива е во обратна насока – државата ја интересира само наплатата на придонесите и данокот, а платата може да биде и три денари.

Затоа, независно за што, и поради што, е сегашниот штрајк, тој дава надеж дека доаѓа една нова, поинаква ера на синдикализам. И, не се сложувам со „нападите“ на социјалните мрежи дека во јавниот сектор и таа плата што ја земаат е голема затоа што „ништо не се работи“.

Да, голем дел од јавниот сектор забошотува, квалитетот на услугите е лош, имаме примери каде што некои вработени и не одат на работа, а земаат плата на нашиот грб. Но, затоа државава има влада, има директори на јавни претпријатија, има директори на институции, па прашањето е кој да понесе одговорност за нефункционалниот јавен сектор, а не цехот да го плаќаат и тие што вредно работат во овој сектор. А, дефинитивно, ги има. Неприфатливо е генерализирањето, како што е неприфатливо вработените во јавниот сектор да имаат плати со кои не може да се преживее.

Каде е реформата во јавниот сектор за која зборува секоја партија пред да дојде на власт? Каде е прочистувањето во сопствените редови, вработувањето само на неопходен и квалификуван кадар? И каде е домаќинското работење за да останат повеќе пари за плати? Ако една од антикризните мерки донесена на средината од март беше обврската буџетските корисници да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10 проценти, тогаш тоа значи дека можело и подомаќински да се работи.

Никој што работи, не заслужува да нема плата доволна за да (пре)живее, како што никој што не работи не заслужува да биде платен. Така треба да биде и во јавниот и во приватниот сектор. И во приватниот сектор треба усогласување на платите со растот на минималната плата. Од ССМ велат дека тука пазарот сам си прави своја корекција. Но, според она што може да се види, сепак тој врши само делумна корекција. И таму сега се случува една деформација, па на новите работници што се примаат во работен однос, едноставно не може да им се понуди толку ниска плата, каква што до скоро им се нудеше – затоа што работници нема, а на тие што веќе се во работен однос, не им се коригираат платите.

Тоа веројатно ќе биде нов предизвик за синдикалното движење. Иако, таму работите се многу покомплицирани – многу мал дел од приватниот сектор е синдикално организиран, односно огромен број работници не се обединети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот