Во изборниот календар нема датум за реформи!

Добро организирани парламентарни избори, изгласување на законот за Јавно обвинителство, но и засилена борба против корупцијата. Ова се условите што Франција ѝ ги наложи на Македонија и побара нивно исполнување до мајскиот самит во Загреб кога уште еднаш ќе се носи одлуката дали земјава да добие датум за преговори со Европската Унија.

Од друга страна, засега не постои конкретен одговор дали по евентуалното исполнување на овие барања ќе биде гарантиран датумот за Македонија. Но, едно е јасно, тврдат познавачите, исполнувањето на условите ќе се одвива тешко и бавно со оглед на тоа што државава наскоро ќе стане жртва на предизборната еуфорија во која клучните институции ќе бидат нефункционални или ќе работат со намален капацитет.

Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, смета дека во моментов поголем акцент мора да се стави на обврските што земјава треба да ги исполни кон ЕУ, отколку на предвремените парламентарни избори. Сепак, додава тој, политичките лидери одлучија најголем дел од енергијата да ја потрошат на изборите, а не на европската перспектива на државата.

– Предизборната кампања веќе се претвора во пародија, а познато е дека Македонија во време на избори воопшто не функционира. Ние не сме консолидирана демократија за да можеме да си ги вршиме останатите работи, а изборите да ги сметаме за празник. Ние не сме земја која може разумно и рационално да се однесува. Со сите сили сега ќе се свртиме кон изборите, а исполнувањето на условите што го бара Европа ќе го оставиме за некои други времиња. Едноставно, не можеме да очекуваме позитивен резултат на мајскиот самит во Загреб, ако ние во меѓувреме не мрднеме ниту со прст и не се обидеме да докажеме дека навистина го заслужуваме датумот – објаснува Петковски.

Лидерот на Демократски сојуз и поранешен министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, предлага Државната изборна комисија (ДИК) да им наложи на политичките партии да не се вклучуваат во предизборна кампања, бидејќи, како што вели, токму таа шестмесечна кампања ќе ја закочи државата во процесот на исполнувањето на европските услови.

– Парламентот треба да работи на реформските закони и на други проекти што ги има Владата. Политичките партии треба да ја изостават предизборната кампања затоа што на тој начин енергијата ќе се троши на погрешно место. Едноставно, треба да се создаде простор за да се работи на реформските активности кои се важни за имплементација на европските стандарди и вредности – објаснува Трајанов.

Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека токму сега најдобро време за завршување на останатите обврски како Законот за јавно обвинителство. Тој вели дека власта и опозицијата се во неизвесност дали ќе си ги сменат улогите по изборите, така што нивната спремност за постигнување компромис е поголема.

– Периодов е одличен за да се решат некои прашања што не можеа да се решат во претходниот период, а дали има волја кај политичките партии само тие си знаат. Предизборната кампања во која се влезени политичките партии не е пречка да се реши ова, затоа што решавањето нема некому да му одземе од рејтингот ниту да му додаде – вели Божиновски.

Партиите со месеци не можат да се договорат за директори на Заводот за ревизија, на Дирекцијата за заштита на личните податоци, на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, програмски совет на Македонската радио-телевизија.

Тимоние: Треба да се засукаат ракавите

Франција ќе ја отвори темата за проширување на ЕУ повторно на самитот во Загреб во мај следната година, најави францускиот амбасадор Кристијан Тимоние и посочи дека од власта во Македонија се очекува до 3 јануари да постигне двотретинско мнозинство и да донесе закони за борба против корупцијата.

– Претстојните парламентарни избори треба да бидат успешни, бидејќи тоа ќе претставува уште еден знак за политичка стабилизација. Исто така, постојат и одреден број одлуки што треба да се донесат до 3 јануари од страна на Владата во Македонија. Може да се оди напред со добро разбирање меѓу самите партии, особено со постигнување двотретинско мнозинство во однос на борбата против корупцијата. Треба да се засукаат ракавите – порача Тимоние.

Совет на амбасадори: Сега не е време за кампања

Одржувањето на секојдневни митинзи и говори на лидерите на политичките партии во овој период, може да придонесе кон зголемување на политичката конфронтација во општеството и дополнително да ги продлабочи општествените поделби, наведено е во соопштението од Советот на амбасадори.

„Политичките партии и лидери треба својата енергија во овој период да ја насочат кон спроведување на потребните реформи за остварување на стратешките цели на земјата, како што се членството во НАТО и добивањето датум за започнување преговори за членство во ЕУ. Сметаме дека е време ефективно да се искористи поддршката од САД и од земјите членки на ЕУ за интензивирање на реформите и соработката со соседите, со цел веднаш по добивањето датум за започнување на преговорите за членство во ЕУ да се затвораат поглавјата со што побрза динамика“, наведено е во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот